(Извадок)
Бил како ангел, над сето тоа, и затоа можел на сите слободно и без страв да им говори сѐ, да ги подучува, разобличува, да им ги отвора духовните очи, со кои ќе бидат способни да го препознаат единствениот „ослободител на сите“, Господ и Спасителот наш Исус Христос.
Неслободните и исплашени луѓе за Свети Јован биле дезориентирани и збунети. Сите живеат во страв, легнуваат и стануваат со страв, дишат во страв и неизвесност за тоа кој ќе им биде наредниот страв и неволја.
Затоа тој, како слободен ангел (носителот на радосните вести), којшто со ништо не бил заробен и врзан за овоземното, им влеваше на луѓето вера, доверба , храброст и духовна слобода. Им говорел од што да се плашат: од гревот, робувањето кон сѐ што е од овој свет и да останат во слобода Божја.
Високи се христијанските идеали кои Св. Јован не само што ги достигнал, туку по нив и живеел.
И не само тој, туку и многу монаси и подвижници во пустините и пештерите, далеку од вревата и заглушувачката врева. Неретко, во описите на подвизите на преподобните, кои целиот свој живот и постоење го уподобиле на совршениот идеал, на слободата и духовната смелост, се гледа дека биле најголемите сиромаси кои со своето сиромаштво ги збогатувале другите - тие, кои не биле тоа;
Или, оние, кои ништо немале, а на сите им давале, другите ги правеле духовни богаташи! Свети Владика Николај (Велимировиќ) величејќи ја скромноста и слободата од врзаноста за овој свет, вели дека оние кои се врзани (робовите) на добрата кујна, мораат да имаат и добра аптека, за да се лекуваат од тешките последици на добрата храна.
Оние кои се во пустината немаат чевли, нозете самите по себе им стануваат обувки, а немајќи капа - покривало за главата - велат дека на главата ѝ станува поудобна распространетата круна на небото ѕвездено, отколку тесната волнена капа.
И на крајот, како и на самиот почеток, останува во себе и околу себе да го негуваме и да го шириме идеалот на храброста и слободата.
Страшливоста, стравот, робувањето на било што и на било кого, не смее да биде дел од нас.
Додуша, безнадежноста и стравот брзо се шират и зацаруваат, а тоа и да не го забележиме. Оттука е постојаниот повик на духовна будност, стражарење врз самиот себеси, нешто во кое секогаш треба да бидеме и да останеме и другите беспоштедно да ги опоменуваме.
„Стани, ти кој спиеш. Ќе те воскресне Господ“, предупредува Св. апостол Павле.
Духовната дремливост и поспаност секогаш се потенцијални опасности за нешто друго, спротивно од слободата и храброста. Ако, лекарот сака да изврши хируршки зафат, тој болниот привремено го заспива, овојпат, посакувајќи му добро заздравување.
Духовно нѐ заспиваат за потполно да нѐ обесхрабрат, да нѐ искористат на брутален начин и од нас да направат тоа што не сакаме.
Не се предаваме на таков сон и на таква духовна негрижа и сонливост, која за нас е многу опасна.
Тоа е начинот на кој нашите непријатели, всушност, владеат над нас , а за да го прават тоа поуспешно, демонски се служат со наизглед хумани методи и средства.
Оттука бдението, будноста, присебноста, во секој момент и во секоја ситуација мораат да бидат наш императив и начин на живот. На тоа нѐ учи нашата христијанска вера и огромното духовно искуство веќе безброј пати опитно доживеано кај христијанските подвижници и Светители, на кои треба и ние да се угледаме и да ги следиме.
Значи, нелажна е и вистинска, нам толку потребна, посебно денес, Божјата заповед и наредбата: „Бидете слободни и бидете храбри!“
Извор: (Протојереј проф др. Радомир Поповић о Исусу Навину)
Превод од српски: Мина Даниловска
22-ри февруари, лето Господово 2014