Несовршеноста на човечката душа се пројавува во тоа што го заборава
важното и го памети суетното; дека го заборава она што би требало да го
помни и го помни онa што би требало да го заборави. Поради тоа можеме
секого да запрашаме: “Кажи ми што забораваш и што помниш, а јас ќе ти
кажам кој си”. Сите знаеме што значи навредата, затоа што нé навредувале
и сме се навредувале. Без да е свесен, секој кој навредува и секој кој
се навредува, се повредува себеси, бидејќи самиот се лишува од сонцето
на љубовта. Оној кој навредува ја повредува не само душата, туку и
своето тело – злите емоции предизвикуваат болна телесна напрегнатост,
што се одразува на неговата физичка размена на материите и го нарушуваат
животот. Оној кој навредува се навредува најпрво себеси. Но, и оној кој
се навредува постапува неразумно, бидејќи се повредува самиот. Над себе
да се закриеме со светлиот штит против навредите, необрнувајќи им
внимание. А она што е возвишено, тоа да го спротивставиме на навредата –
љубовта, кротоста, великодушноста. „Научете се од Мене, – рекол Христос
Спасителот, – зашто Сум кроток и смирен по срце и ќе најдете мир за
вашите души“ (Мт. 11:29). Ете еден прост пат до среќата, за која човекот
често размислува, не знаејќи го патот до неа.
Навредата понекогаш бива неосознаена. Нанесувањето на навреда
произлегува од гордоста, од желбата да биде другиот понижен, од
одмаздата и злобата. Луѓето навредуваат и од алчност, завист,
славољубие, егоизам и едноставно од душевна нечувствителност и морална
невнимателност. Претприемникот (индивидуален или колективен, како држава
или партија) најбезобзирно ги навредува луѓето, експлоатирајќи ги не
само економски, туку и морално.
Експлоатацијата е многулика форма на несправедливоста. Историјата на
човештвото е полна со тој грев сé до наше време. Но, сега нема феудални
барони и не е само џет сетот оној што ги експлоатира сиромашните – кои и
самите порано биле сиромашни, а кои станале администратори, партијци,
претставници на пролетеријатот, жестоко ги експлоатираат сиромашните
(колхозните земјоделци, работниците), и сепак, таа експлоатација ја
прикриваат со многу ласкави, но празни зборови за себе.