Не залудно нашиот земен живот се нарекува долина на плачот (Пс.
83:7). Тука страдаат и плачат грешниците, страдаат и плачат и
праведниците. За неверниите луѓе во тоа се крие нерешлива загатка,
недостижна тајна, а за нас, просветлените со Христовата вера, тука нема
никаква тајна, никаква загатка.
Кога апостолите го видоа слепородениот и Го прашаа Господа кој згрешил,
тој или родителите негови, та се родил слеп, Господ, Срцеведецот им
одговори: ниту тој згрешил, ниту неговите родители, но тоа стана за да
се јават делата Божји врз него (Јован 9:2, 3). И Тој веднаш го изврши
врз него Своето Божествено дело – го исцели. Така, не секогаш скрбта и
болеста се испраќаат на човекот заради неговите гревови; понекогаш
скрбта и болеста се за слава Божја, за да се јават делата Божји врз
праведникот, кој е во скрб. И Господ Бог, Кој е дивен во Своите
светии, ги јавува Своите дивни дела преку светите Свои, а најмногу
преку најсветата од светите – Пресветата Своја Мајка.
Еве еден поучлив расказ за исцелувањето на болен праведник.
Живеел пред некое време благочестив клирик [1] по име Викентиј. Тој имал
добар обичај секој пат кога влегува или излегува од црква, да ги
преклони колена пред лицето на Божјата Мајка и да рече: “Радувај се,
Благодатна! Господ е со Тебе. Блажена е Твојата утроба, која Го носела
Христа, и Твоите гради, од кои се доел Господ Бог, нашиот Спасител!”