БЕРОВО – манастирската црква Успение на Пресвета Богородица во Берово
- На 13 октомври 2013 г. кога Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на свети Григориј Просветител, епископ Ерменски, свети Михаил, прв митрополит Киевски, во манастирската црква Успение на Пресвета Богородица во Берово отец Фотиј одслужи Божествена Литургија . Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
По Литургијата отец Фотиј во манастирскиот двор со верните го толкуваше денешното Евангелие.. Во Црквата не доаѓаме за да ни биде убаво туку за подкрепа во тешката борба со сопствените слабости, навики и страсти. Затоа што ништо не ни вредат светските вредности ако се загубиме себеси – својата личност. Отец Фотиј ги подтикнуваше родителите да ги посетуваат богослужбите. Неделата не е ден за да поспиеме или да завршиме некоја работа туку – Ден на Воскресението Господово. Во тоа светло и ќе го разбереме денешното евангелие за талантите. Повеќето ќе се фатиме во замката или да се возгордееме или да размислуваме како сме сиромашни, ништожни и ненадарени. А забораваме дека од родителите сме ги стекнале телото и психата, а СЕКОЈ ОД НАС ДОБИВА ОРИГИНАЛЕН ДУХ СО БОЖЕСТВЕНИ ДАРОВИ. Од разни световни причини тие таланти остануваат длабоко закопани и многумина не успеваат да ги откријат и употребат за божественото соединување во Полнотата Христова. Затоа ни се потребни Таинствата на Црквата и благодатното духовно воздигнување.
За Преминпортал: Ратислав Кардалев
Лето Господово 2013