На 23 јуни 2013 г. Македонската православна црква – Охридска архиепископија го прослави роденденот на Црквата по слегувањето на Светиот Дух на апостолите на педесеттиот ден од Воскресението Христово. Во храмот посветен на св. Никола во Скопје презвитер Ивица Тодоров и отец Доце Силјановски одслужија Света Божествена Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Затоа Нашиот Спасител и Господ Исус Христос во моментот на Неговото Вознесение ни ја ветува Силата од Горе. На секој од нас му е достапна Силата на Светиот Дух за да нѐ преобрази како што пред речиси 2 илјади години од едноставните рибари направи бестрашни маченички сведоци. Облечени во Светиот Дух тие на новозаветниот народ и денденес му ја шират Радосната вест. Тие не ни зборуваат научени паметни работи туку Духот на Вистината ни зборува од нивните усти, а ние разбираме на нашите јазици, умови и срца. Треба да ја живееме верата Христова не како традиција и ритуал туку како православни ученици Христови во процес на нашето богоуподобување живеејќи заедно како Црква.