„Божествениот Еразмо, кој е дом на добродетелите, извор на чудеса, слава на архиереите и радост на страдалниците, нè повика нас, верните, да го прославиме неговиот сесветол спомен, весело и соборно“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на св. Еразмо Охридски).
Навистина, да го прославиме сесветиот спомен на свештеномаченикот Еразмо, кој го поучуваше народот во Охрид уште на самите почетоци на христијанството и ја всадуваше верата во Бога во срцата на верните охриѓани. Затоа и ние денеска, соборно и со радост во срцата, го посетуваме неговото земно пребивалиште, преку кое тој се искачи во небесните висини.
Прославувањето на славниот свештеномаченик, започна на 14.06.2013 година, во манастирот „Св. Еразмо Охридски“ во Охрид, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високошреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната, беше благословено петолебието.
Празнувањето на големиот подвижник продолжи утредента, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј ги поздрави неизбројните верници со поучно слово и им го честита великиот ден на светиот Еразмо.
Повеќе: http://www.dke.org.mk/novosti/novost.asp?PodatociID=954