СЕДМИЦА НА СВЕТОТО ПИСМО (ден 5)
За автентичноста на светите книги на Стариот Завет, односно за тоа како истите се запишувани, пренесувани и канонизирани
На петтиот ден од седмицата посветена на Светото Писмо, на 14.06.2013 г. во салата на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ презвитер Ивица Тодоров го одржа продолжението од вчерашното предавање „ За автентичноста на светите книги на Стариот Завет, односно за тоа како истите се запишувани, пренесувани и канонизирани“. Автентичноста е неопходен услов за да можат да послужат како аголен камен темелник за разбирање на прашањата како: „од каде доаѓаме и каде одиме?“; „која е смислата на животот и страдањето ?“; „дали се спасуваме со верата или со добрите дела кои ги правиме ?“ и многу други и да нѐ упатат на спасителен живот.
Свети Атанасиј Велики во 4. век ги канонизирал светите книги кои Црквата од тогаш ги користи.
Додека другите народи тонеа во паганство, Бог промисли и го избра еврејскиот да сведочи за вистината на Откровението и за доаѓањето на Месијата. Од Него ги имаме одговорите на прашањата како живеејќи во овој свет да дојдеме до вечен живот.
Место сојузот меѓу Бог, Мојсеј и еврејскиот народ направен е нов сојуз меѓу Бог, Месијата и секој човек кој ќе Го признае и ќе поверува. Да внимаваме, христијанството е подадена рака која секој човек треба умно-срдечно да ја прифати. Затоа пред секој од нас се поставува многу лично прашање – колку од времето кое Господ за нас поединечно како оригинали промислил да ни го даде за живот на овој свет ГО ПОСВЕТУВАМЕ НА СЕБЕ ЛИЧНО во спасителна смисла ? Или истото прашање поставено малку поинаку – што ни вреди сѐ што добиваме ако СЕБЕСИ СЕ ГУБИМЕ ?
За Преминпортал- Ратислав Кардалев