Опело за Владиката Кирил во Соборниот храм - МПЦ прогласи ден на жалост (14.06.2013)
- Беше мудар и добар човек, беше вистински борец за македонската православна црква. Неговите дела и зборови ќе останат засекогаш запишани во историјата, како потсетник за неговата мисија за автономија на црквата и аманет за идните генерации.
- Со овие зборови архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот синод се простија од владиката Кирил на опелото во соборниот храм во Скопје.
- - Да се говори за митрополитот Кирил значи да се говори за архиерејот кој има неповторлива заслуга во мисијата на МПЦ особено меѓу иселените Македонци во Австралија, Соединетите Американски Држави и Канада. Да се говори за него значи се говори за архиерејот кој постави темел за македонското црковно национално дело во прекуокеанските земји, рече г.г. Стефан.
- За величината на личноста на митрополитот Кирил говорат неговите заложби, неговата пожртвуваност и посветеност за македонската православна црква. Беше дел од синодот кој во 1967 ја возобнови автономија на МПЦ, а ги постави и темелите на црквата и во Австралија и во Канада.
- Од владиката полошко – кумановски се збогуваа и Претседателот Иванов, спикерот Велјановски и премиерот Груевски, роднини, пријатели и негови духовни следбеници. Владиката Кирил си замина без збогум, но ние нема да отстапиме од неговите идеали за единство на МПЦ, рече на крајот архиепископот охридски и македонски.
- Македонската православна црква прогласи Ден на жалост поради смртта на владиката Кирил. Црковните и државни знамиња во сите храмови на МПЦ во земјава и во дијаспората веќе трет ден се на половина копје.
Државен врв, дипломати и бизнисмени му оддадоа почит на владиката Кирил
Последно збогум за Владиката полошко кумановски Кирил. Во соборниот храм беше отслужено опело за упокоениот владика со кое чиноначалствуваа поглаварот на МПЦ Г.Г Стефан, митрополите Пимен, Агатангел и викарниот епископ Јосиф. Стотици верници, државниот врв, свештеници и почитувачи се поклонија и му оддадоа почит на Владиката. Во голема тага и неверување, поглаварот на МПЦ за последен пат му се обрати на упокоениот митрополит. Жали што рано заминал митрополитот кој ги постави темелите за македонското црковно национално дело во прекуокеанските земји. Владиката кој е еден од потписниците на одлуката за возобновување на автокефалноста на Охридската Архиепископија во 1967.
Верниците запалија свеќа и се помолија за починатиот Владика. Вечно ќе се сеќаваат на неговите дела и помошта која безрезервно им ја давал на сиромашните и болните.
Полошко кумановскиот митроплит беше погребан во манастирот свети Ѓорги во Дељадровце, по негова желба.
На погребот присуствуваше и делегација од СПЦ. Игумен на еден манастир во срем, заедно со уште неколку свештеници. Неговото присуство било самоиницијативно, бидејќи тој во минатото бил монах во манастирот каде ќе почива Владиката Кирил. Од полочко кумановскиот митрополит се простија и дел од бизнис заедницата.
МПЦ прогласи ден на жалост, а знамињата осамнаа на пола копје во сите православните храмови во земјава. Во соборниот храм отворена е и книга на жалост каде верниците ќе можат да ги напишат своите спомени за починатиот Владика Кирил.
Мирјана Давидовска
Извор. Канак 5,Тв. Сител