СЕНОЌНО БДЕНИЕ СО БОЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА ВО МАТКА
Ноќта 26-27 април 2013 г. во предвечерјето на Лазаровата сабота и на празнувањето на спомените на светиот Мартин Исповедник, папа Римски и на светиот маченик Ардалион Глумец; во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка, со почеток во 23 часот се одржа сеноќно бдение со Света божествена литургија со која чиноначалствуваше отец Среќко Анѓелкоски. Во пресрет на Страдалната седмица верниот народ се поучуваше на примерите на светиите и се причести со Светите Христови Тајни. Игуманијата Перпетуа и сестринството ги подкрепија подвижниците со богата трпеза на љубовта.
Пред нас се Страдалната седмица и Воскресението Христово. Изминува уште еден Великопосен подвиг во кој можеби надминавме барем некоја наша слабост. Ако не сме задоволни со ефектот – ќе имаме уште шанси пред нас низ одкажувања да го јакнеме нашиот дух.Како и да е, во периодот од Воскресението Христово до Духови имаме нова шанса да го почувствуваме предвкусот на величествените благодати за кои нашиот Господ Исус Христос толку широко ги рашири своите раце за да ме гушне мене, тебе и секој човек...
Но затоа треба да ги отвориме нашите духовни врати за дејството на Светиот Дух. Еве ја шансата во Страдалната седмица пред нас. Мнозина сигурно Го сретнаа и на духовниот концерт за Страдањата Господови минатава недела. Уметниците ни дадоа шанса да ги доживееме Страдањата Господови. Духовните плодови од концертот и литургиските случувања на Страдалната седмица ни се неисцрпен извор за духовен раст ако дневно барем десетина минути – во самотија, тишина и молитва, љубовно го бараме Него и Неговата милост.
За Преминпортал:Ратислав Кардалев
26-ти април, лето Господово 2013