Во оваа од Бога благословена 2012 година од Рождеството по плот на нашиот Спасител, кога навршуваат 45 години од возобновувањето на автокефалноста на најсветата Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, за првпат во поновата историја на оваа наша заедничка Мајка, во рамките на чествувањето на овој многудостоен спомен, предвидени се и две канонизации на свети Божји угодници од постаро време. Станува збор за светите Битолски и Пречистански преподобномаченици, пострадани за верата Христова, првите во XIV, а вторите во XVI век, кои и покрај тоа што со својата пролеана крв за Христовото име примиле маченички венец на славата, не можело своевремено да бидат канонизирани поради неблагопријатните историски опстојателства. Иако меѓу верниците во Кичево и особено во Битола постојат силни преданија за страдањето на локалните богоугодници, сепак, со цел сите православни верници да се запознаат со нивниот маченички подвиг пред нивното канонизирање, ги приложуваме кратките описи за страдањата на овие маченици за верата православна. Oвие кратки описи се извадени од опширните повести за страдањата на преподобномачениците, коишто беа подготвувани подолго време, врз основа на историските извори и преданијата. Опширните повести за страдањата на преподобномачениците ќе бидат објавени во блиска иднина.