Напредувајќи од безбожието во православната вистинска вера, и просветлени со светлината на знаењето, да заплескаме со рацете и да запееме гласно, принесувајќи пофалби и благодарност на Бога; и со достојна почит да се поклониме на светите икони на Христа, Пречистата Дева и Светителите, било да се насликани на ѕид, дрво или свети садови, отфрлајќи го безбожното учење на еретиците. Зашто, како што свети Василиј рече, почитувањето кое се укажува на иконите се пренесува на ликот кој е на неа изобразен. По молитвите на Пречистата Твоја Мајка и сите Свети, Те молиме, Христе Боже наш, подари ни голема милост.
Сабота, Вечерна воочи Неделата на Православието
Поуки од светите отци: Прекрши го лебот свој и дај им на бедните. Не даваш свое. Бог затоа тебе ти дал повеќе и ти да би давал на другите. Тебе ти е доволен насуштниот леб, како и си се научил од молитвата; затоа не си собирај слама за оган и мачење.
Свети Ефрем Сирин
Молитва:
Боже, со Својата голема милост и љубов погледни на нас, луѓето Твои, за Твојата благодат секогаш да нè поучува, води и го сочува нашето тело и душа, Ти, со Синот Твој и Господ наш, Исус Христос. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Послание до Евреите 1, 1-12
Свето Евангелие по Марко 2, 23-3, 5
Созерцание: И им рече Господ: »Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата. Па така, Синот Човечки е господар и на саботата. «
Свето Евангелие по Марко 2, 27-28
Подготви : А.Л.
Тодорова сабота
Првата сабота од Светата Четириесетница Православната Црква му ја посветува на споменот на чудесното јавување на Христовиот воин Теодор Тирон за избавување на христијаните од неумолливата скверност на царот Јулијан Отстапник. А тоа стана вака: свети Теодор Тирон во времето на гонењата на царот Максимијан маченички пострада за верата Христова во 306 година.
Педесет години по неговото преставување кај Бога царот Јулијан Отстапник намисли на подмолен и таен начин да ги измами христијаните, коишто ги презираше, со тоа што за време на Светата Четириесетница, кога христијаните најмногу се очистуваат од гревовите и се трудат да Му угодат на Бога, заповеда на пазарите храната што ќе се продава да биде претходно попрскана со крв принесувана на жртвениците на нечистите идоли. Со ова христијаните купувајќи и јадејќи од храната на пазарите би се оскверниле. Но царот Отстапник не успеа во својата намера, бидејќи Бог му заповеда на храбриот воин Теодор Тирон не на сон, туку на јаве да му се јави на Константинополскиот архиереј Евдоксиј, предупредувајќи го за намислата на царот-Отстапник.
Свети Теодор Тирон му предложи на блажениот Евдоксиј наместо да купуваат храна од пазарот, верните да употребат за јадење коливо, односно варена пченица. Со ова ја осуетија намерата на нечестивиот цар, а тој, пак, кога виде дека е откриена неговата измама, нареди повторно да се изнесе чиста храна на пазарите. Празнувајќи го споменот на ова чудо во првата сабота на Светата Четириесетница, светата Православна Црква ги поучува христијаните дека постот Му е благоугоден на Бога и оние што постат се наоѓаат под особена Божја заштита.
Икони. Православие.ру
Друго:
- Великопосни Богослужби (14.02.2010)
- ПОНЕДЕЛНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (15.02.2010)
- ВТОРНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (16.02.2010)
- ЧЕТВРТОК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (18.02.2010)