Марков манастир – Богојавление
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во Маркова Сушица на 19 јануари 2013 г. на празникот Богојавление се одслужи Божествена Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата присутните во торжествена литија се упатија до Маркова река каде јеромонахот Атанасиј Арсоски изврши водосвет. Игуменијата на Манастирот Илијана и сестринството срдечно се погрижија за верните.
БОГ СЕ ЈАВИ …
Оние за кои празнувањето не е само спектакл и можност за уживање во храна и пијалак, со вера и надеж се вклучија во торжеството на исчекување на Божјата објава.
Да се подсетиме, пред некој ден се поучувавме дека на Рождеството Христово беа повикани МАЛИТЕ овчарчиња и МУДРЕЦИТЕ.
За МАЛИТЕ во Писмото е јасно истакнато дека Му се најмили на Христа. Нивната едноставност, смиреност и чистота се клучот кој ги отвора нивните срца за Божјата објава.
За МУДРЕЦИТЕ како да имаме погрешно изедначување со количеството знаење, високото образование, успешноста во работата и слично. За жал, сведоци сме како учените и успешните како „богато“ надарени имаат потешкотии да ја разберат Мудроста па често ги слушаме како возгордеани изјавуваат дека „сè сами заработиле и ништо не им паднало од Небото“. На друга страна ги имаме „најмалите“ кои немајќи земни дарови се вера и надеж се завртуваат кон Создателот и просветлени ја шират славата Божја.
Така и на денешното Богојавление. Да се поучиме од погледот на детенцето кога најпрво на Литургијата Му пристапуваше на Путирот и подоцна додека го чекаше Чесниот Крст да ја освети водата на Маркова река. Додека возрасните добро облечени се префрлаа од нога на нога, детето како да не чувствуваше студ. Доволна му беше топлината од Татковата рака.
… НАВИСТИНА СЕ ЈАВИ
Преминпортал
Ратислав Кардалев
Лето Господово 2013