ЗА ПРОСЛАВАТА НА БОЖИКНИТЕ ПРАЗНИЦИ ВО МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – СОБОРЕН ЕПАРХИСКИ ХРАМ, “СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“, ТОРОНТО
“ Христос се раѓа славете Го , Христос доаѓа од Небесата, пресретнете Го.....“
(Од канонот на Божик)
Со ваков восклик го прославивме нашиот најголем празник РАЃАЊЕ НА ГОСПОДА ИСУСА ХРИСТА – БОЖИК. А има ли поголема радост за христијаните да го прослават доаѓањето во тело на Спасителот и Господ Христос!? Он, Кој толку се понизи, бидејќи како Бог Кој постои од вечност, прими и човечко тело и така се изедначи во сѐ со нас луѓето освен во гревот. “Таков Првосвештеник ни требаше, вели св.Апостол Павле, свет, незлобив, непорочен, одвоен од грешниците...“ (Евр. 7:26) Само Он можеше да ги понесе нашите гревови и да нѐ очисти, та преку оваа искупителна жртва повторно да не направи синови Божји.
Раѓањето Христово на земјата не е подвиг или потреба на Светата Троица, туку наша неопходност. Оти без таква жртва не ќе беше и спасението. Затоа овој празник е толку драг и мил.
На Божик најповеќе се радуваат децата. “Пуштете ги децата да доаѓаат при Мене...“вели Христос. Со тоа нѐ повикува и нас, возрасните, да станеме чисти и незлобни како децата. Без “детска“ чистота нема спасение.
Божикната радост силно се чувствуваше насекаде. Храмот беше преполн како и помошните простории. Празнувањето започна со традициите поврзани со коледе. Палењето огин, пропратено со традиционалните коледарски песни, го најавија Рождеството Христво. Огинот и овојпат беше запален во дворот на црквата.
Мноштво народ присуствуваше на Литургијата. Оние кои дојдоа малку подоцна требаше да чекаат да приидат во храмот. По Литургијата на најмладите женската секција им подели божикни подароци, а потоа следуваше општо народна веселба.
Неизмерна беше радоста. Витлеемската светлина ги осветлуваше лицата на сите поздравувајќи се со ХРИСТОС СЕ РОДИ! – НАВИСТИНА СЕ РОДИ!
На многу години. Боќикната радост и христијанската љубов постојано да ги исполнуваат нашите срца. АМИН.
По Литургијата
Известуваат:
Прота-ставрофор ИЛИЈА ДОНЕВ
Прота-ставрофор ИЛИЈА ДИМИТРИЕСКИ