На 05. 12. 2012 година, во просториите на Повардарската епарахија се одржа прес-конференција на која беа пренесени впечатоците од прикажувањето на играно-документарниот филм „Пресвета Богородице, спаси не“ на престижниот филмски фестивал за филмови со религиозно-духовна и морална содржина „Радоњеж“ во Москва. На средбата со новинарите, режисерката на овој филм, а воедно и актер на ликот на Пресветата Мајка Богородица во филмот, Весна Димитровска, истакна два аспекти како значајна димензија на прикажувањето на овој филм во Москва, пред се појавувањето на македонски филм со ваква тематика за прв пат на овој престижен фестивал, а потоа и остварените контакти со црковни великодостојници од Руската православна црква кои со симпатии го проследиле прикажувањето на овој филм.
Секретарот на Повардарската епархија, ѓакон Влатко Стоименов истакна дека со прикажувањето на овој филм е остварена мисијата прдвидена и во самиот зачеток на создавањето на овој филм, а тоа е можноста на останатите православни народи да се уверат во постоењето и функционирањето на Македонската православна црква, како закрилничка на силниот православен дух на македонскиот народ.
На годинешното издание на овој фестивал беа прикажани 200 филмови, пред се Русија, а потоа и од Грција, Украина, Белорусија итн.
Фото материјали од Филмскиот фестивал „Радоњеж“ во Москва
Извор: Повардарска епархија