Маркова Сушица, 7-8. 11.2012 год.- манастир на св.вмч. Димитриј
Ноќта 07. на 08.11.2012 г. кога во Марковиот манастир во с. Маркова Сушица се прославува храмовиот празник на свети Димитрија – Митровден, од 22 часот, се одслужи вечерно бдение (акатист кон свети Димитрија и утрински молитви). Поклониците молитвено му се обратија на свети Димитрија просејќи ја неговата закрила пред Бога.
Во првите три векови христијанството трпеше маченички прогони од царската власт. Великомаченикот свети Димитрија ни е светол сведок за тоа колку возвишува срдечната Христова љубов па ни најтешките маки да не можат да ја засенат.
Прогоните на христијаните, иако општо намалени, сепак се присутни до ден денес. Неговото Блаженство г.г. Стефан во беседата по повод канонизирањето на 40-те битолски великомаченици истакнува дека прогоните на христијаните во светот денес достигнуваат загрижувачки размери дури и во форма на организиран државен терор.
Во услови на прекин на прогоните во време на владеењето на царот Константин, таткото на монаштвото – свети Антониј Велики и неговите следбеници укажуваат на нова форма на сведочење на Христа преку Негово откривање во сопственото срце како резултат на упорна молитва во тишината и самотијата на египетската пустина.
Ова е значајна поука и за нас кои уживаме во благодатта на слободата на христијански духовен развиток. Иако не сме изложени на фронтални отворени напади, сепак трпиме многу посуптилни напади во форма на: ритуално христијанство на ниво на културна традиција, „добронамерни“ убедувања дека ништо претерано не е здраво па така ни срдечното предавање на Христовата љубов, „модерните“ идеологии, наплив на зборови без содржина, брза култура на социјални мрежи, социјални, економски и политички кризи. За да во овој и ваков свет опстанеме како „сол на светот“ мораме секојдневно да ги практикуваме тие поуки на пустинските отци и да ги сочуваме нашиот ум и срце во самотија и тишина и низ молитва да го откриеме Христа. Тогаш ќе можеме убедливо да зрачиме со вера, надеж и љубов во Христа.
Преминпортал (р.к.)