Свето Евангелие од светиот апостол Лука (зач. 32)
Рече Господ: „Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични? Тие личат на деца што седат по пазариштата и викаат едно на друго, велејќи: ,Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте!’ Зашто, дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ,Бес има.’ Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ,Еве човек што многу јаде и пие, пријател на митниците и грешниците!’ И се оправда Премудроста од сите свои чеда.“
Свети Теофан Затворник
Свеста за Божјата добрина, пред сè кон нас самите, го загрева нашето срце кон Него. Бидејќи, љубовта со љубов се разгорува. Откако ќе ја почувствуваш љубовта Божја кон себе, не ќе можеш да останеш студен кон Него: твоето срце само од себе ќе Му се обраќа на Бога, полно со љубов и благодарност, и ќе се разгорува до светол пламен. Таа љубов не ти дозволува да Го заборавиш ниту за еден миг. Тоа е целта. Затоа прими ги овие упатства со полна вера и употреби го сиот свој труд за тоа сеќавањето на Бога да го утврдиш во срцето и умот. Во сеќавањето на Бога се наоѓа сета сила. Оној кој во него се утврдува со стравопочит и во топлината на срцето, и сè друго ќе исполни во полнота.