С О О П Ш Т Е Н И Е
Возљубени браќа и сестри!
Со огромна тага и голема болка во душата би сакале да Ве известиме дека на 7 октомври 2012 г., некаде околу 19. 30 часот, изби пожар во комплексот на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Согле, при што целосно изгоре стариот манастирски конак, кој зафаќаше површина од приближно 500 метри квадратни.
Причините за избувнувањето на пожарот сé уште не се целосно познати, но се претпоставува дека можна причина за пожарот е дотраената електрична инсталација. Од утрово, претставници од надлежните државни институции, предано почнаа да работат на утврдување на точните причини за избувнување на пожарот.
Инаку, манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Согле се наоѓа на 30 километри југозападно од Велес, поточно во месноста наречена Азот, каде припаѓаат и селата Богомила, Бистрица, Ореше, Теово итн. Манастирот е подигнат некаде кон крајот на XIV и почетокот на XV век. Во периодот од 1850 до 1855 година биле реновирани старите конаци и манастирската црква. На 25. 08. 2007 г. беше поставен камен-темелник за изградба на нови конаци, кои беа завршени, осветени и пуштени во употреба на 12. 08. 2012 г.
Овој манастир има огромно историско значење и особено придонесувал за духовниот развој и зацврстувањето на идентитетот на македонските православни христијани од Азотскиот крај.
Во периодот на комунистичкиот режим, манастирот бил оставен на милост и немилост на разните временски стихии, сé до 2007 година, кога со благослов и огромно залагање на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел се обнови монашкиот живот во овој манастир.
Со обновата на духовниот - монашки живот, под закрила на чудотворната икона „Св. Богородица Согленска“, која е прочуена во целата наша татковина, на балканските простори, па и пошироко, каде многу наши мајки и сестри ги добиле и своите први рожби и со изградбата на нови манастирски конаци, манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ од с. Согле повторно стана духовно светилиште и училница на здравата православна духовност, како за жителите на Азотско, така и за сите оние добронамерни посетители.
Би сакале да Ве известиме дека доколку сакате да помогнете, односно да учествувате во обновата на стариот конак од манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ од с. Согле истото можете да го сторите на жиро-сметката на МПЦ-Повардарска православна епархија во НЛБ Тутунска банка бр: 210040688821322, со цел на дознака: за обнова на стариот конак во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ - с. Согле, или да се обратите за информации во седиштето на МПЦ-Повардарска православна епархија на ул. „Ѓоре Органџиев“ бб - Велес или да нé контактирате на телефон 043/ 221 - 231.
Ви благодариме, Господ нека ги награди и благослови сите обновители и украсители на Неговите светилишта.