На 24. јуни 2012 г. во храмот на св. Ѓорѓи Победоносец во населбата Чаир во Скопје се одслужи Света Литургија предводена од презвитер Ивица Тодоров во сослужение на ѓакон Златко Малинов. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Литургијата истовремено беше и кулминација на „Седмицата посветена на Светото Писмо“ (18. – 24. јуни).
Во денешното Евангелие, Христос ги повикува рибарите да бидат апостоли и рибари на луѓе. Рибари кои луѓето ќе ги ослободат од илузијата на гревот за да ја разберат вистината на спасението.
Иако живи по тело мртви сме во духот. Затоа Бог подига сведоци да подтикнува на будење. Па така разбудени, како блудниот син да кажеме – до сега бев мртов. Тогаш, пред разбудените Христос ги поставува скалилата на духовниот раст – блаженствата од денешното Евангелие. Најпрво, скалилото дека без Бога животот е ништожен. Следи прочистувањето во покајничките солзи. И така скалило по скалило за да дојдеме до радоста на нашата награда на Небесата. Радоста и како битен показател на присуството на Светиот Дух и во сегашниов живот.На овој начин прекрасно се испреплете (како само Провидението знае тоа да го направи) литургиското читање со завршницата на седмицата посветена на Светото Писмо во организација на:
- „ДОДОМА“ – Движење за организирана духовна обнова на Македонија;
- Црковна Општина „Св. Георгиј Победоносец“ Чаир – проект: Да живееме заедно како Црква;
- Скопска Епархија на Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија.
Господе, Оче наш,
иако сме грешни и празни од непознавањето на Вистината,
нè исполнува Љубовта кон Тебе,
очисти нè со својот Свет Дух,
утврди нè во својата Вечност,
благослови нè Господе,
предводени од нашата Црква
да стигнеме до Спасението.
Друг помошник освен Тебе не познаваме и немаме.
Преминпортал
Ратислав Кардалев
Лето Господово 2012