Матурира 44-та генерација богослови
20.06.2012.
На 16.06.2012-то лето Господово, на денот посветен на светиот свештеномаченик Лукијан, официјално го заврши своето петгодишно образование и матурираше четириесет и четвртата генерација ученици во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Скопје. По тој повод традиционално беше организирана пригодна свеченост. Чествувањето започна со Света Божествена Литургија во училишниот храм, која ја отслужија Митрополитите, Повардарски г. Агатангел и Преспанско-пелагониски г. Петар, а потоа следуваше свечен ручек. На ручекот, матурантите и колегиумот при МПБ „Свети Климент Охридски“ беа почестени со присуството на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, кој воедно годинава беше и пратеник на САС на МПЦ на матурските испити, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел-ректор на Богословијата, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, деканот на Богословскиот факултет протоереј Ацо Гиревски и протоѓакон Ратомир Гроздановски, професор на Богословскиот факултет.
На присутните најпрво им се обрати класниот раководител на матурантите проф. м -р Дарко Милев , па следуваше говорот на пратеникот на САС на МПЦ, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и на крајот, од името на матурантите збор зеде, сега, веќе дипломираниот богослов г. Божин Трпески.
Потоа, матурантите еден по еден се претставија на гостите и ги примија своите дипломи.