Петровиот Пост (Постот на светите апостоли) секоја година започнува една седмица по прославувањето на Педесетница и завршува на 12 јули (29 јуни според Јулијанскиот календар), денот на прославувањето на поменот на светите апостоли Петар и Павле. Овој пост е востановен во чест на светите апостоли и во спомен на тоа што тие, по слегувањето на Светиот Дух, се разотидоа по сите страни на светот ширејќи ја благата вест и непрестано пребивајќи во подвиг на пост и молитва.
Првото сведоштво за востановувањето на постот го среќаваме во 4 век, а на неговото брзо ширење помеѓу православната екумена особено влијаело устројството на многубројните цркви посветени на апостолите Петар и Павле во Константинопол и Рим.
Со оглед на варирањето на денот кој е одреден за започнување на Петровиот пост, а кој секоја година зависи од денот на прославувањето на Велигден, варира и вкупното времетраење на неговата должина. Така, тој може да трае најмалку 8 дена, а највеќе 6 недели. Оваа година трае точно 31 ден.
Ви ја посакуваме помошта Божја во преодолението на постот, со цел времето во него да биде време поминато во мир, добри дела и во заедничарење во Христовата љубов и радост во Господа.
Извор: Скопска епархија
Друго: