На 13 мај 2012 г. кога Светата Црква ги прославува свети апостол Јаков Заведеев; Свети Донат; Свети Игнатиј Брјанчaнинов, во храмот на св.вмч. Димитриј во Скопје се одслужи Света Божествена Литургија предводена од отец Зоран . Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Христос е Месијата пратен за секој што ќе поверува во Него да има живот вечен. Па така и жената самаријанка од денешното Евангелие. Но – предупредува отец Зоран, за да не останеме само на слушање на Евангелието треба во лицето на самаријанката да ја гледаме својата душа на која Христос се обраќа.
Си размислувам, колку ли се големи очекувањата и надежта на Создателот од нас кои веруваме. И денес, околу нас има „самаријани“ чии жедни души очекуваат од нас – следбениците Христови, да им ја пренесеме радосната вест дека меѓу нас тече Живата Вода од која можат да се напијат.
А можеме да чуеме самозадоволувачки изјави – ние сме крстени, ние сме го примиле Светиот Дух, ние ја вршиме волјата Божја; и сме си заслужиле живот вечен. Небаре тоа е само нивен проблем (на „самаријаните“) што немале среќа да се родат во христијанска средина и да бидат спасени.
Но дали е сè така едноставно? А христијанин најдобро ќе ја пренесе радосната вест ако шири љубов. Христос не помина гордо покрај жената самаријанка. Овие денови од Велигден до Педесетница ги преслушуваме и премрежјата низ кои минуваа самите апостоли за да ја пренесат радосната вест. Не верувам дека убавите емоции кон нашите блиски значително се вбројуваат во оваа смисла. Убеден сум дека до спасение води само жртвата за паднатиот брачен партнер, за колегата на работа со кој секојдневно се соочуваме, за соседот кој прешол преку некоја наша меѓа, и безброј други облици на страдање.
Е тоа е главното прашање – како во таква ситуација да возвратиме со љубов? Ако ова прашање не си го поставуваме многукратно секој ден (па и да не најдеме одговор) тогаш сме далеку од Христовиот пат. Без одговорот на тоа прашање не можеме да бидеме светло ни за блиските, а уште помалку за нехристијаните, затоа што во Царството Божјо нема да има ни роб ни слободен, ни грк ни евреин.
Извадок од беседата на о. Зоран
За Преминпортал,
Ратислав Кардалев
Лето Господово 2012