Оваа беседа е сликање на убавината, како главна категорија во уметноста, која го осмислува животот, покрај добрината и вистината. Иако германскиот естетичар Розенкранц говореше за естетиката на грдото, со тоа ги зајакна темелите на возвишената убавина. Уметничкото дело може морално да не возбуди, но не зависи од вистината. Уметник нема никаква потреба да Ви објасни што сакал да каже со своите сликарски дела. За жал, не барајте обичните смртници на кичот да се воодушевуваат на возвишената убавина. Уметноста секогаш се толкува субјективно. Успешноста на сликата зависи од многубројните доживувања во овој случај на: ,,Патот кон крстот на Водно‘’.
Му благодарам на ДЛУМ за можноста што ми ја укажа да и се претставам на јавноста.
Искрено се надевам дека сум едно од, како што вели ДЛУМ, ,,новите ликовни случувања’’. Додека студирав на ФЛУ, учествував на 7 изложби, од кои најголем впечаток ми остави првата самостојна изложба во ,,Галерија П’’ во просториите на ФЛУ, 2009 година. Сега сум во фаза на пронаоѓање на себеси во откривањето на новите правци во уметноста, конкретно во сликарството. Во рамките на воспитно-образовниот систем ги поминав сите редовни чекори за да се оформирам како ликовен творец.
И како што велат моите драги колеги од ДЛУМ, темата: ,,Патот кон крстот на Водно’’ е метафора (сликовито, преносто значење или смисла) за човечките воздигнувања и падови, за нашето одење кон целта, патот што често пати е поплочен или со добри намери или жестоко трнлив. Се надевам дека јас одам кон патот на просветлувањето на мојот дух во сферата на сликарството како една од највозвишените уметности. Во оваа моја сликарска тема светлината може да се толкува световно-како природна светлина која ни дава живот, и свето-како божја светлина и духовно просветлување на луѓето. Патот е начин за да дојдеме до целта. Човекот е суштество кое треба постојано да ги остварува своите убави, добри и вистинито-осмислени цели. Познато е дека патот може да биде поплочен или трнлив, но јас овој пат го гледам како ,,поплочена река’’ која ме води кон духовното просветлување. Патот и светлината се нераскинливо врзани. А таа, светлината е секогаш горе на светото или световно небо, тешко достижна за многумина од нас обичните смртници. Метафората ,,поплочена река’’, генерално е непреводлива, но може да се толкува и како лесно и како тешко стасување до саканата цел, но и како препуштање на тековите на судбината.