Тропар на светите
Христови маченички
Агапија, Хионија и Ирина
29 април//16 април /
Девственички свети маченички,
поучени за воскресение во живот вечен
од истоименитоста со благодат преисполнета –
светата Анастасија,
заштитени со молитвите на Христовиот пастир,
темнината ја посрамивте со светлина од Христа подарена,
молете се за нас на Пресвета Троица
о вие три сестри, од Небесната висина.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Леонид и со него светите маченички
Хариеса, Никија, Калида,
Нунехија, Василица и Теодора
29 април//16 април /
Се радува денес Пелопонез,
воскликнува земјата цела која Бога Го прославува,
закрепната од молитвите Леонидови,
кого заедно со Хариеса, Никија, Калида,
Нунехија, Василица и Теодора, Христос ги сочува,
Кому нова песна му пееја закитена и посведочена
од мачеништвото нивно, по чии молитви
Господи Исусе Христе Сине Божји полилуј нѐ.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов новомаченик
Михаил од Вурла
29 април//16 април /
Го просветли Господ умот твој
свети новомачениче Михаиле,
и те умудри минливоста на земното
да ја замениш со вечноста од царството небесно,
каде за нас молејќи се не бодриш кон преумување,
за да се радуваме и исповедаме: Христос воскресе!
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал
2025 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светите маченички Агапија, Хионија и Ирина
Родени сестри од околината на Аквилеја. Кога царот Диоклецијан се бавеше во Аквилеја, нареди да го погубат прочуениот духовник Хрисогон. Во тоа време еден стар свештеник Зоил имаше видение во коешто му се откри каде се наоѓа непогребаното тело на Хрисогон. Старецот побрза, го најде телото на маченикот, го положи во ковчег и го чуваше во својот дом. Триесеттиот ден по ова му се јави Св. Хрисогон и го извести за овие маченички дека ќе пострадаат во следните девет дена, а дека и самиот ќе се престави во тоа време. Вакво известување прими во видение и Анастасија Одврзителка, која беше тргнала по својот учител Хрисогон. И навистина, по девет дена се престави и старецот Зоил, а и оние три сестри беа изведени на суд пред царот. Царот ги советуваше светите девојки да им се поклонат на идолите, но тие го одбија и ја исповедаа својата тврда вера во Христа. Света Ирина му рече на царот дека е глупаво човек да им се поклонува на предмети изработени од дрво или камен, нарачани за спогодена цена, направени од раце на смртен човек. Царот се разјари и ги фрли во затвор. Кога царот тргна за Македонија, со него ги поведоа сите негови робови и заробеници, меѓу кои и овие три светителки. Царот им ги даде на еден војвода Дулкитиј за мачење. Војводата се распали со мрачна страст и сакаше да ги оскверни девиците, но кога сакаше да влезе кај нив во затворот во времето кога беа на молитва пред Бога, тој полуде и почна да ги прегрнува и бакнува некои црни котли и лончиња што се најдоа таму и така си отиде сиот поцрнет. Кога слушна за ова, царот му нареди на еден друг војвода, Сисиниј, да го преземе судењето на трите христијанки. По тешки мачења судијата ги осуди првите две сестри на смрт во оган, а Света Ирина ја задржа уште некое време кај себе надевајќи се дека ќе може да ја оскверни. Но кога ја испрати со војници во блудилиштето, Божјите ангели ја спасија чистотата на девицата, војниците ги вратија, а нејзе ја изведоа на еден рид. Утредента војводата излезе со војниците на оној рид, но не можеа да се качат, па им нареди на војниците да ја убијат со стрели. Света Анастасија ги собра телата на едно место и чесно ги погреба. Пострадаа за Христа околу 304 година.
Светиот маченик Леонид и маченичките Хариеса, Никија, Галина, Калида, Нунехија, Василиса и Теодора
Ги фрлија в море, но морето не ги прими. Тие одеа по морето како по суво и Му пееја на Бога. Кога ги видоа незнабожците најпрво се восхитија, но потоа им врзаа камења на вратот и повторно ги фрлија во морските длабочини. Сите пострадаа за Христа во 281 година.