ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот Христов
великомаченик Теодор Стратилат
8 февруари / 21 февруари
Глас 4
Вистински воин на Словото, Теодоре мачениче,
со оружјето на верата мудро вооружувајќи се,
на Небесниот Цар предобар војвода постана,
победувајќи ги демонските полкови,
се покажа како победоносен страдалник,
затоа со вера секогаш те прославуваме.
Извор МПЦ-ОА
Тропар на светиот
Божји Пророк Захариј
Срповидец
8 февруари / 21 февруари
Праведнику Божји о, пророче Захарие,
ти кој уста отвори да изнесеш Божји зборови
а преку нив мудрост која ќе не спаси,
моли се јасновидче
да го избегнеме мечот на осудата
и српот кој ќе се изнедри
од вратата на совеста.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (21.02.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот пророк Захарија
Единаесеттиот од помалите Пророци. Заедно со Пророкот Агеј го поттикнуваше кнезот Зоровавел да го обноват ерусалимскиот храм. Го прорече свеченото влегување на Исус Христос во Ерусалим на младенче од ослица; и предавството на Јуда за триесет сребреници; и бегањето на апостолите од Христа во времето на Неговото страдање - ќе удрат по пастирот и овците ќе се разбегаат (13, 7).
Пророкот Захариј се нарекува и Срповидец, зашто во визија виде срп како слегува од небото за да ги покоси неправедните, особено крадците и хулителите на Божјото име.
Се упокои во последната година од царувањето на Дариј Хистасп, околу 520 година пред Христа.
Светиот великомаченик Теодор Стратилат 21/02/2009
Драгоценоста на маченичкиот подвиг зависи од величината на богатството што ќе го напушти христијанинот примајќи страдање наместо тоа богатство; и од величината на страдањето што ќе го поднесе заради Христа. Свети Теодор, римски војвода, во војската на царот Ликиниј и градоначалник на градот Хераклеја, ја презре својата младост и убавина и војводскиот чин и царската милост и наместо тоа на себе прими страшни маки заради Христа.
Најпосле беше биен, прими шестотини удари по грбот и петстотини по стомакот; потоа го подигнаа на крст и го издупчија со стрели. На крајот го убија со меч. Сето тоа го претрпе зашто Го љубеше Христа над сѐ на светот. Го презре глупавото суеверие на царот Ликиниј, ги урна сребрените и златни идоли и парчињата од нив им ги раздаде на сиромасите; мнозина ги обрати во верата Христова и го повика самиот цар Ликиниј да се одрече од идолите и да поверува во единствениот жив Бог.
За време на мачењето Свети Теодор непрестајно говореше: „Слава Ти, Боже мој, слава Ти!“ Пострада на 8 февруари 319 година во три часот попладне и се пресели во Царството Христово. Се смета за заштитник на војниците што го повикуваат на помош. Неговите чудотворни мошти ги пренесоа од Евхаити во Цариград и ги погребаа во црквата Влахерна.