ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
исповедник
Марко Ефески
19 јануари / 1 февруари
Храброста твоја Марко свети исповедниче,
смелост пред Бога измоли,
да посведочиш дека единствена вистина,
е самата Вистина подарена,
на твојата душа Богољубива.
Силен факел добивме во тебе и
твоите зборови од Духот вдахновени
до крајот на времињата, затоа моли се во
тоа да останеме, и Христа да го прославиме
Кој ни е единствен Пат, Вистина и Живот.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот
Христов подвижник
Макариј велики
19 јануари / 1 февруари
Висино која си и за очите ангелски недостижна,
деца духовни изроди во пустината,
ангели надминаа со својата чистота.
О, Макарие велики Божја пофалбо,
бестрастие постигнато,
благодат врз благодат подарена,
силата Христова во тебе удомена,
мртви воскреснуваше, губави очистуваше,
и Бога прославувајќи го,
името твое на небесата се запишуваше.
Славен си Господи во Своите светии во вечни векови.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (01.02.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобен Макариј Велики 01/02/ Лето Господово
Мисирец, еден од помладите современици на Антониј Велики. Татко му беше свештеник. Од послушност кон родителите се ожени, но жена му набрзо умре, а тој се оддалечи во пустина, каде што помина полни шеесет години во труд и во борба, внатрешна и надворешна, за Царството Небесно. Кога го прашаа зошто е толку сув и кога јаде и кога не јаде, одговори: „Од стравот Божји“. Толку успеа да си го очисти умот од злите помисли и срцето од зли желби, што Бог го дарува со изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснуваше од гробовите. Неговото смирение ги восхитуваше и луѓето и демоните. Еднаш демонот му рече: „Само во едно нешто не можам да те надвладеам; тоа не е постот, зашто јас никогаш не јадам; не е бдеењето, зашто не спијам никогаш“. „А што е?“, праша Макариј. „Твоето смирение“, му одговори демонот. На својот ученик Пафнутиј Макариј често му говореше: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“. Живееше деведесет и седум години. Девет дена пред смртта му се јавија од оној свет Св. Антониј и Св. Пахомиј и му навестија дека за девет дена ќе умре, што и се случи. Уште пред самата смрт му се јави херувим, којшто во видение му го откри блажениот небесен свет, ги пофали неговиот подвиг и добродетели и му рече дека е испратен за да ја земе неговата душа во Небесното Царство. Се упокои во 390 година.
МОЛИТВА ТРЕТА НА СВЕТИ МАКАРИЈ ВЕЛИКИ
Човекољубив Владико, станав од сон и брзам да дојдам приТебе и по Твојата милост се трудам да ги извршувам Твоите дела.
Ти се молам, помагај ми во секое време и во секоја работа; избави ме од секакво зло и од ѓаволски искушенија.
Спаси ме и воведи ме во Твоето вечно царство. Зашто Ти си мојот Создател, Промислител и Дарител на секакво добро.
Во Тебе е сета моја надеж, Тебе Те прославувам сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин!
Свети Марко, архиепископ Ефески 01/02/Лето Господово
Прочуен по одважното штитење на Православието на Флорентинскиот Собор, наспроти царот и папата. Се упокои мирно во 1452 година. На смртниот одар го молеше својот ученик Георгиј, подоцна славниот патријарх Генадиј, да се чува од стапиците на Западот и да го брани Православието.