ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот Христов
свештеномаченик Елевтериј Илирски
и неговата мајка Антија
15 декември / 28 декември
Глас 3
Свети свештеномачениче Елевтерие,
ти кој ѕверови скротуваше,
со благодат Божја срца човечки лекуваше,
Христос преку тебе луѓе во ангели приведе
и Неговото име се прославуваше,
моли го Него о велики учителе
нашите срца со Неговото Име да бидат запечатени.
МПЦ - ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светата
Христова преподобномаченица
Сузана
15 декември / 28 декември
Ја обручи твојата душа за Христа,
како чиста невеста,
така одбегна машко или женско да бидеш,
о Сузано примеру наш на патот кон совршенството,
многу дарови од Бога прими,
кога надежта на Него ја положи,
и така твоето оправдание нека послужи,
за нашите слабости да бидат простени,
и од милосрдието Божјо покриени.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Tропар на преподобниот отец
Павле нови Латрски
15 декември / 28 декември
Глас 8
Господи свет и благословен,
нова благодат изли преку Павле угодникот Твој,
кој обдарен со врлини небесни пламен стана,
за восход на души и молитви од земјата до небеси.
Застапи се о ти преподобен угодниче
за сите кои во молитва кон тебе припаѓаат
достојнославен мироносен подвижниче
и Бога Го прославуваат во сите векови.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Вакх Нови
15 декември / 28 декември
Глас 4
Како ластар нов изнедрен од лозата
која на Христа се накалеми,
о Вакхе свети мачениче,
ти на смртта крај í донесе во наследство
на твоите татковци.
Од Бога благодатно закрепнат,
со молитви на твојата мајка поттикнат,
венец маченички од Животот доби,
чии цветови се молитви
кои од Господа измолуваат за нас милост голема.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподoбниот отец
Трифун Кољски
15 декември / 28 декември
Глас 5
Ѕвездо незалезна која светлина прими
од Сонцето на вистината и боја алова од силата на благодатта,
Трифуне свети, ревноста по Христа пастир те направи
коe стадото диви елени во кротки овци пред Христа го приведе.
За нас моли се рибару преподобен
кој пребиваш во Небесните рајски сладости.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Елевтериј Кувикулариј
15 декември / 28 декември
Глас 1
Од утробата на земјата, како од мајка подигнато,
стануваше телото твое, о Елевтерие свети,
на молитва исправено, пред Икона со колена приклонети,
а духот кој вис Небеса заминал пред Бога и светиите
прошка бараше и милост голема.
Радувај се мачениче свети кој до крај верен остана
на Оној Кој живот вечен подарува
а за нас принеси ја смирената твоја молитва.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
подвижник Пард
15 декември / 28 декември
Глас 1
Напојувајќи се од водата на покајанието,
ја достигна висината на смирението
ти Парде Христов подвижниче,
смртта ја изгуби дрскоста на осудувањето,
и Спасителот подарувајќи ти опростување
те присоедини кон Своите
по чии молитви и ние се спасуваме.
Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Православен календар за 28/12/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот свештеномаченик Елевтериј
Овој прекрасен светител имаше родители благородни и од прочуен род. Беше роден во Рим, каде што татко му беше воен антипат. Мајка му Антија го слушаше Евангелието од самиот апостол Павле и од него беше крстена. Бидејќи рано остана вдовица, го даде својот единец син на учење и служба кај римскиот епископ Аникита. Бидејќи го виде Елевтериј надарен од Бога и просветлен со Божествената благодат, во петнаесеттата година епископот го ракоположи за ѓакон, во осумнаесеттата за свештеник, а во дваесеттата за епископ. Божетсвената мудрост го надополнуваше кај Елевтериј она што му недостасуваше во годините.
Овој богоугодник беше поставен за епископ на Илирија со седиште во Валона (Авлона) Албанска. Своето стадо го чуваше како добар пастир и секојдневно го умножуваше. Христогонителниот цар Адријан испрати некој војвода Феликс со војници за да го фатат и доведат Елефтериј во Рим. Кога јаросен Феликс стигна во Валона и влезе во црквата, го виде и го чу светиот Божји архиереј и одеднаш неговото срце се измени и стана христијанин. Елевтериј го крсти и тргна со него во Рим, одејќи весело како да оди на гозба, а не на суд и маки. Царот му наложи лути истизавања на овој благороден Елевтериј: биење, печење на железен кревет, варење во смола, горење во огнена печка. Но Божествената сила го избави маченикот од сите смртоносни измачувања.
Кога го виде ова, римскиот епарх Корив и самиот изјави дека е христијанин. Корив беше мачен и убиен со меч. Исто така и блажениот Феликс. Најпосле царските џелати ја отсекоа и чесната глава на Свети Елевтериј. Кога неговата света мајка Антија дојде над мртвото тело на нејзинот син, и таа беше убиена. Нивните тела ги пренесоа во Валона, каде што Св. Елевтериј до денешен ден чудесно го прославува Христовото име.
Пострада во времето на Адријан, во 120 година.