ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светите
Христови маченици
Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон,
Аполониј и други со нив
14 декември / 27 декември
Маченици свети Христови,
вие кои со благодат Господова огнот во вас го скротивте,
а силата негова во ревност за Бога ја исползувавте, Тирсе и Левкие, Калиниче и Филимоне, Аполоние и останатите,
молете се по вашето застапништво да стигнеме до Царството Небесно.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Ипатиј
14 декември / 27 декември
Крвта на мачениците Филимон и Аполониј,
стана семе за новите Христови војници,
о Ипатие светол исповедниче.
Верата во Бога те приведе кон идното Царство Небесно,
радувај се и за нас моли се,
ти кој надежта ја посведочи:
да добиеме простување,
и вечно во Христа битисување.
Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Православен календар за 27/12/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светите маченици Тирс, Левкиј и Калиник
- Светите Тирс и Левкиј беа чесни граѓани на Кесарија Витиниска, првиот беше крстен, а вториот огласен христијанин. А Калиник беше идолски жрец. Кога наследникот на царот Декиј, Кумврикиј, почна беспоштедно да ги мачи и убива христијаните, истапи пред него храбриот Левкиј и изобличувајќи го му рече: „Зошто си се кренал сам против својата душа, Кумврикиј?“ Разјарениот судија нареди веднаш да го бијат и да го мачат и најпосле да го убијат со меч. После мачењето Левкиј одеше да прими меч весело како на свадба. Кога ја виде смртта на храбриот Левкиј, блажениот Тирс се распали со Божествена ревност, па исто како Левкиј истапи пред судијата и го изобличи за злосторствата и за неверувањето во единствениот вистински Бог. И тој беше биен и фрлен во затвор. Невидливата Божја рака го исцели од раните, му ја отвори вратата на затворот и го изведе надвор. Тирс веднаш појде кај епископот Кесариски Филеј и од него прими Крштение. По ова повторно го фатија и го мачеа, но тој ги поднесуваше маките трпеливо како во сон, а не на јаве. Од силата на неговатат молитва испопаѓаа многубројни идоли. Кога го виде ова идолскиот жрец Калиник се обрати во Христовата вера. И тој и Тирс беа осудени на смрт. Калиник го убија со меч, а Тирс го положија на дрвен сандак за да го стружат со бичкија. Но Божјата сила не го допушти ова, па бичкијата не можеше ни да го делне дрвото. Тогаш Св. Тирс стана од ковчегот, Му се помоли на Бога благодарејќи Му за маките и мирно Му го предаде својот дух на Господ. На крајот од 4 век кесарот Флавиј покрај Цариград му устрои црква на Св. Тирс и во неа ги положи неговите свети мошти. Светителот ѝ се јави во видение на царицата Пулхерија и ѝ препорача да ги закопа моштите на Четириесетте маченици до неговите.