ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светата
Господова пророчица Ана
мајка на Пророк Самоил
9 декември / 22 декември
Се зарадува душата твоја во Господа,
а таа радост по твоите молитви
Христос ја пренесе на верните свои,
о Ано смирена слугинко Господова,
плодот на промислата Божја,
послужи за спасение на многумина,
и затоа сите денес го чествуваме,
твојот свет спомен.
Извор МПЦ - ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Тропар на зачнувањето
на света Ана
9 декември / 22 декември
Глас 4
Денес се разрешија врските на бездетноста,
Јоаким и Ана ги услиша Господ,
безнадежноста се пројави како ветување на
Рождество на Богоотроковица.
Од неа Сам се роди Неописливиот,
Кој стана Човек и им заповеда на Ангелите
да ѝ воспеваат Нејзе:
Радувај се, Благодатна
Господ е со Тебе!
Извор МПЦ - ОА
Тропар на преподобниот отец
Стефан Новосветилен
9 декември / 22 декември
Глас 5
Името твое круна небеска постана која Бога
Го прослави – Вистинската Светлина.
А Он во твоето срце крст светлозарен изваја,
каде ти страстите ги распна со желбите и похотите,
и ангел во тело постана пред лицето Господово,
Кого и денес и во веки Го молиш за нашето спасение.
Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Православен календар за 22/12/2024
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Зачнувањето на Света Ана
Праведните Јоаким и Ана беа бездетни цели педесет години од нивниот брачен живот. На старост им се јави архангелот Гавриил, секому посебно, и им рече дека молитвите им се услишени од Бога и дека ќе родат ќерка, Марија. Тогаш Св. Ана зачна од својот маж и по девет месеци роди ќерка благословена од Бога и од сите човечки колена, Пресветата Дева Марија Богородица (поопширно под 9 септември).
Света Ана, мајката на Пророкот Самуил
Жена на Елкан, од Арматем или Ариматеја (1 Сам. 1). Немаше деца бидејќи беше неплодна, заради што горко плачеше и тагуваше. Но милостивиот Бог се смилува на неа и ја разреши нејзината неплодност заради нејзините непрестајни воздишки и молитви. Ана го роди синот Самуил и Му го посвети на Бога уште од неговото детство. Тој беше голем водач на Израилскиот народ и Пророк, помаза два цара, Саул и Давид. А Св. Ана Му испеа на Бога благодарствена песна, чудесна според мудроста и убавината, па нејзе и ден денес ја пеат во богослужбите на Црквата (1 Сам. 2, 1).