Свети Кирил Ерусалимски
ЧЕТВРТА МИСТАГОШКА КАТИХЕЗА НА НОВОПРОСВЕТЕНИТЕ ЗА ТЕЛОТО И КРВТА ХРИСТОВА
На зборовите од посланието на апостол Павле до Коринтјаните:
"Јас го примив од Господа, она што ви го предадов..."
и понатаму (1. Кор. 11, 23)
1. Веќе и самото ова учење на блажениот Павле доволно е да ве увери во поглед на Светите Тајни, со кои удостојувајќи се, станавте сотелесни и истокрвни на Христа. Бидејќи Апостолот објави: "Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб и откако заблагодари, го прекрши и рече: ,3емете, јадете, ова е телото Мое" (1. Кор. 11, 23-24). "И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: ,3емете, пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет"(Мат. 26, 27). Кој по тоа ќе се осмели да не верува кога Самиот Христос обзнани и рече за лебот: "Ова е телото Мое"? И кога Самиот даде уверување и рече за Чашата: "Ова е Мојата крв". Па, кој некогаш ќе се посомнева и ќе рече дека тоа не е крвта Негова?
2. Во Кана Галилејска Он водата ја претвори во вино (Јован 2,1-10), слично со крвта: па зарем не заслужува да Му веруваме тогаш кога виното го претвора во крв? Ако го направи ова преславно чудо повикан на телесна свадба, нели ја заслужува нашата доверба откако Своето тело и крвта им ги подари на "сватовите" за насладување?
3. Поради што со целосна вера го примаме ова како тело и крв Христови? Во вид на леб ти се дарува телото, а во вид на вино - крвта, па причестувајќи се со Телото и Крвта Христови да станеш истокрвен и сотелесен со Него. Бидејќи на тој начин стануваме Христоносци, кога Телото и Крвта Негова ќе им се подарат на нашите членови. Така, според зборовите на блажениот апостол Петар "стануваме учесници во Божјата природа" (2. Петр. 1,4).
4. Некогаш Христос, беседејќи, им велеше на Јудеите: ".. ,Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе" (Јован 6, 53). Тие, пак, не примајќи го кажаното со дух, туку соблазнувајќи се, "отстапија од него" (Јован 62, 66), мислејќи дека Он ги наговара да јадат плот.
5. И во Стариот завет постоеле лебови на предложението: но тие какви што постоеја во Стариот завет се укинати. А во Новиот завет постои Лебот Небесен и Чашата на спасението (Псал. 116, 4), кои ги осветуваат душата и телото. Бидејќи како што е лебот сличен на телото, така и словото и приличи на душата.
6. Според тоа, лебот и виното (во Евхаристијата) не треба да се разберат буквално: бидејќи тие се тело и крв Христови, според зборовите на Владиката. Зашто иако сетилата ти го претставуваат ова, верата нека те утврдува. Немој да расудуваш за работите според вкусот, туку според верата, биди сигурен дека несомнено си се удостоил со Телото и Крвта Христови.
7. Давид ти ја објаснува силата на оваа Тајна, велејќи: "Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои" (Псал. 23, 5). Неговите зборови го означуваат следново: пред Твоето доаѓање трпезата на луѓето им ја поставуваа демоните, нечиста и осквернета (Малах. 1, 7), исполнета со сила ѓаволска; но по Твоето доаѓање, Владико "ја постави пред мене трпезата". Кога човекот му говори на Бога: "Ја постави пред мене трпезата", што може тоа да означува освен таинствената и духовна трпеза која Бог ни ја постави "на виделина", односно наспроти демоните. И тоа е точно. Бидејќи онаа имаше заедница со демоните, а оваа - заедница со Бог. "Си ја помазал главата моја со елеј" (Псал. 23, 5). Со елеј ја помаза твојата глава на челото, преку печатот кој го имаш од Бога, за да бидеш "како на печат - Светиња Господова" (2. Мојс. 28, 36). "И чашата твоја ме напојува со блаженство" (Псал. 23, 5). Гледаш ли дека овде се работи за онаа чаша која Исус ја зеде во рацете, заблагодари и рече: "Ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите" (Мат. 26,28).
8. Поради ова и Соломон, пророкувајќи за оваа благодат, во книгата Проповедник вели: "Оди, јади го радосно лебот свој" (Проп. 9, 7), а тоа значи духовниот леб. Со "зборот "оди" се означува спасоносниот и блаженотворниот повик. "И пиј го со радасно срце виното свое" - односно виното духовно. "И секогаш да има елеј на главата твоја" (Проп. 9, 8). Гледаш ли на кој начин таинствено го означил и миропомазанието? ...Зашто, пред да пристапиш кон благодатта, твоите дела беа "суета над суетите" (Проп. 1, 2). Кога веќе ги соблече старите алишта и духовно се облече во бели, ти доликува во секое време да одиш во бело. Воопшто не зборуваме за тоа дека си, божем, должен во секое време да се облекуваш во бела облека, туку да одиш во бело и светло во вистинска смисла: за да можеш со блажениот Исаија да зборуваш: "Многу ќе се радувам во Господа, душата моја ќе се развесели во мојот Бог: зашто Он ме облече во спасителна облека, ми облече облека на правда" (Иса. 61,10).
9. Откако го позна ова и се увери дека видливиот леб не е леб, иако по вкус така се чини, туку Телото Христово, и дека видливото вино не е вино, иако по вкус така се чини, туку Крвта Христова, како што за ова некогаш и Давид пеејќи велел: "и лебот што го закрепнува срцето на човекот" (Псал. 103, 15), крепи го своето срце, причестувајќи се со ова како со духовно; помазувај го лицето на твојата душа, имајќи го откриено во чиста совест и "одржувајќи ја славата Господова", за да се преобразуваш "од слава во слава" (2. Кор. 3,18) во Исуса Христа, на Кого нека Му е чест и сила и слава во вековите на вековите. Амин!
(Продолжува)
СВЕТАТА ТАЈНА ПРИЧЕСТ
Издавач: ЃАКОНИЈА
Главен и одговорен уредник
Митрополит г. Агатангел