„О севоспеана Мајко, која Го роди Словото - посвето од сите светии, откако ќе го примиш овој наш сегашен принос, избави ги од сите напасти и ослободи ги од идните маки, оние кои ти пеат: Алилуја!“ (Кондак 13 од Акатистот на Пресвета Богородица).
На 16.04.2021 година, во поладневните часови, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужен последниот акатист на Пресвета Богородица во овој Велик пост, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Често пати нашите молитви ги завршуваме со обраќање кон Богородица: „Немаме друга помош освен тебе Владичице, на тебе се надеваме и тебе те фалиме. Не дозволувај да се посрамат твоите слуги!" Со овие зборови, Црквата се обраќа кон онаа која по благодатта Божја се нарекува управителка на целиот свети и заштитница на секоја христијанска душа. Каква радост во нашите срца предизвикуваат овие благодатни зборови! Во периоди кога нашата душа била оптоварена со тешки гревови и жалости или раслабена поради униние или очајание, христијанското срце невидливо црпи утеха за себе од овие зборови. Така тоа се охрабрува и успокојува.
Во тешкотии и во жалосни моменти за душата, кога таа е подложена на искушенија, таа чувствува посебна потреба за милост и светла надеж. Сите ние се среќаваме со такви моменти. Сите ние знаеме дека Господ по Својата суштина е долготрпелив, многумилостив и никогаш не се гневи до крај (Пс. 102, 8-9). Се случува кога ќе направиме такви неразумни постапки и самите да се оградиме од Божјата благодат и да го навлечеме на себе праведниот гнев Божји. На пример, кога ние од сесрце не им простиме на ближните, тогаш се случува согласно со евангелските зборови, односно и нашите гревови нема да бидат простени (Мт. 18, 35). Кога нашето срце е горделиво, тогаш се случува согласно со зборовите на апостолот Петар, кој вели: „Бог на горделивите им се спротивставува, а на смирените им дава благодат" (1 Петр. 5, 5). Тогаш благодатта Божја се оддалечува од нас и над нас се јавува гневот Божји.
Во мигови кога се чувствуваме оставени поради нашите гревови и гледаме дека гневот Божји е врз нас, тогаш имаме посебна потреба од милоста на нашиот Создател. Како може гневот Божји да го замениме со милост, кога со својата дрскост пред Бога ја губиме благодатта? Ниту Божјите угодници, тогаш не се осудуваат да се молат за нас, токму поради нашите големи престапи. Тогаш кон кого да се обратиме и од кого да очекуваме помош за нашето спасение? Од онаа, која според благодатта постанала наша мајка. Таа е надеж на безнадежните, прибежиште на грешниците, мајка на христијаните – пресветата владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија. Затоа, секој грешник, колку и да е грешен и да се наоѓа во безизлез, ограден од гневот Божји и е без никаква помош, треба да го побара покровот и застапништвото на света Дева Марија. Знаеме дека најголем дел од вас тоа го правите и знаете, но важно е да го напомнеме уште еднаш, за да ја утврдиме верата во застапништвото на Божјата мајка за сите нас.
Ние знаеме дека многупати Бог се смилувал на луѓето кои згрешиле, токму по застапништвото на праведниците, кои биле само слуги Божји. Пресвета Дева Марија се јавила како Богомајка, а со тоа и како мајка на целото човештво. Свети Јован Дамаскин вели дека постои голема разлика меѓу слугите Божји и мајката Божја. Кога слугите молат, може да бидат услишени, но и не мора. Бог постапува според Својата волја. За тоа има многу примери. Но, молбата на света Дева Марија, Господ ја суша внимателно и како нејзин Син ја исполнува волјата на мајката и тоа не е милост, туку природен долг. Кога мајката на царот Соломон влегла кај него, тој станал од престолот и ставил стол од десната страна, па ја седнал покрај себе. Кога му кажала дека бара нешто од него, тој и одговорил: „барај мајко, нема да ти откажам" (3 Цар. 2, 20). Царот знаел дека е цар. Но, бил должен да ја почитува својата мајка како царица.
По своето успение, пресвета Богородица влегла во царството на славата со голема почест и била поставена повисоко од сите ангелски чинови и светии. Таа била поставена од десната страна на престолот Божји, како што претскажал и Светиот Дух: „Царицата стои покрај тебе од десно, во облека украсена и со злато проткаена" (Пс. 44, 9). Господ ги исполнува нејзините прозби. Затоа да се обратиме со молитва за нејзиното застапништво, зашто многу може да направи мајчинската молитва. Да допуштиме во нашите срца да бидат запишани имињата на Господа Исуса Христа и на Неговата пречиста мајка и никогаш да не се отстранат од нашите усти за да ги прославуваме преку сите денови на нашиот живот. Амин.
Петти акатист на Пресвета Богородица
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид
16.04.2021 год.
http://www.dke.org.mk/index.php/3354-2021-04-17-07-57-56