логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


СВЕТИТЕ ОТЦИ ЗА ПОСТОТ

Свети Јован Златоуст
sv.jovan.zlatoust1.jpgКога ќе слушнете за постот, не плашете се како од страшен војвода; тој не е страшен за нас, туку за лошите духови. Ако те врзал лошиот дух, тогаш покажи му го лицето на постот, а тој, окован со страв и врзан како со железни синџири, ќе стане понеподвижен и од каменот, особено кога ќе ја види со него и другарката - молитвата. Затоа и Христос рече: "Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост" (Матеј 17, 21). Па, штом е така страшен за нашите непријатели и ги прогонува нив, тогаш е потребно да го сакаме и радосно да го примаме, а не да се плашиме. Ако е потребно од нешто да се плашиме, тогаш да се плашиме од прејадување и од опивање. Тие слабости, врзувајќи ни ги рацете одзади, не предаваат на ропство на страстите; а постот, кога ќе не види такви, не ослободува и не враќа во претходната слобода. Па, зарем ни се потребни повеќе докази за неговото пријателство кон нас? Вистински пријател е оној кој го сака и го мрази она што и ние самите го мразиме или сакаме.

Сакаш ли да знаеш каква заштита и украс е постот за луѓето? Помисли на блажениот монашки род. Повлечени од светскиот метеж на планините, во пештерите или во ќелиите на тивката пустина, како во мирно пристаниште, го зеле постот во друштво за сопатник низ земниот живот. Затоа тие луѓе постот ги направи ангели. Но, и оние, кои живеат по градовите, постот ги изведува на врвот на чистотата. И Мојсеј и Илија, столбовите на старозаветните пророци, иако познати и големи во останатите добрини, кога сакале да пристапат кон Бога, биле носени на рацете на постот. Затоа и Бог, уште со создавањето на човекот, го предаде него во рацете на постот и како нежна мајка му ја повери грижата за спасението на луѓето зборувајќи: "Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади" (1. Мој. 2, 16-17). Ете, тоа е еден вид пост.

Па, кога постот бил неопходен во рајот, дотолку повеќе е понеопходен надвор од рајот; кога лекот е корисен пред употребувањето на раната, дотолку е покорисен по употребувањето на раната, кога оружјето на постот било потребно пред почетокот на борбата со страстите, дотолку е попотребен откако лошите духови преку страстите објавија борба на луѓето. Ако Адам го послушаше горниот глас, не би го слушнал оној другиот: "Зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!" (1. Мој. 3, 19). Но, затоа што не го послушал тој глас го стигнала смртта, грижите и неволјите, тагата и живот потежок од секоја смрт. Затоа трњето и коровот се напори и болести, и животот на земјата е полн со тага.

Гледаш ли како Бог се гневи кога некој ќе го презира и мрази постот? Еве, гледај како Он се радува кога ќе види дека некој го почитува и го држи постот. За занемарувањето престапниците ги казнил со смрт, а за почитувањето на постот, напротив, избавувал. На постот Бог му дал власт откако ги одредил престапниците за смрт, со цел да ги врати во живот. Тоа постот не го направи само со двајца, тројца или дваесет луѓе, туку со сиот народ. Тогаш, кога големиот и убав град Ниневија беше паднал во пропаст, подготвен да го прими ударот одозгора, како некоја сила која слетала од небото, постот го избави градот од челустите на смртта и го поврати во живот. Еве ја неговата историја: "И би словото Господово до Јона, синот Аматиев: 'Стани и оди во Ниневија, град голем, и проповедај во него, зашто неговите лоши дела стигнаа до Мене'" (Јона 1,1-2). По залудното бегање од Господа, по вторпат му дојде истата заповед.
 
"Стана Јона и отиде во Ниневија, по заповед на Господа; а Ниневија беше голем град, три дена одење. И Јона почна да оди по градот, колку што може да се изоди за еден ден, и проповедаше, велејќи: 'Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!' И поверуваа ниневијците во Бога, прогласија пост и се облекоа во вреќи, мало и големо. Таа проповед дојде до царот на Ниневија, и тој стана од престолот свој, ја соблече царската облека, се облече во вреќиште и седна во пепел, па заповеда да се прогласи и да се каже во Ниневија од името на царот и од неговите големци - ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не јадат ништо и да не одат на пасење и да не пијат; и луѓето и добитокот да бидат покриени со вреќишта и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од насилството на рацете свои. Кој знае - можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас Својот разгорен гнев, и така да не загинеме. И ги виде Бог нивните дела, оти тие се одвратија од својот лош пат, па се сожали на злото, за кое беше рекол дека ќе го нафрли врз нив, и не го нафрли" (Јона 3 1-10).

Гледаш ли? Слушнаа Ниневијците и не покажаа неверство, туку веднаш побрзаа кон пост сите луѓе: жените, слугите, господата, старешините и кнезовите, децата и старците, дури и неразумните животни не беа исклучени од тоа општо покајание; насекаде вреќи, насекаде пепел, насекаде се разнесе плач и лелекање. И самиот цар облечен во злато и скапоцени камења, слезе од престолот и рашири вреќа под себе, се посипа со пепел и го избави градот од Божјиот гнев.

Се покажа прекрасна појава: свилата и порфирата отстапија место на вреќите; она што не можеше да го стори круната, тоа го стори пепелта. Ие реков залудно дека треоа да се плашиме од опивањето и прејадувањето, а не од постот.

Да видиме сега Ниневијците» како постеле и како се избавиле од гневот Божји: "Пророкот вика: луѓето ихтоката, воловите и овците да не јадат!". Што ми зборуваш? Зар и животните да постат? Зар и коњите и мазгите и магарињата да се облекуваат во вреќи? Да, оти како што по смртта на господарите, нивните роднини се облекуваат во црнина, не само нивните слуги, туку и коњите, и им наредуваат на коњушарите да ги водат по одарот, на тој начин да ја изразат тежината на загубата и да покажат општо сожалување, така и тогаш, кога на Ниневија и се заканувала целосна пропаст, нејзините жители ги облекоа во вреќи и на неразумните животни им го наметнаа бремето на постот. Животните не можат да го разберат Божјиот гнев со зборови, затоа нека се вразумат со глад, зашто Бог ја пратил оваа казна, зашто кога ќе се затре целиот град, тој ќе стане општ гроб не само за нас, туку и за нив. Па, кога со нас ќе ја поднесуваат казната, нека го поднесат и постот со нас! Освен тоа, бидејќи сите одраснати со својот живот Го прогневија Бога, сега сите нека Го молат, па и оние кои не знаат за грев.

Дали само постот и вреќите го избавија градот Ниневија? Не, туку промената на целиот живот, што се гледа од зборовите на пророкот: "И ги виде Бог нивните дела, оти тие се одвратија од својот лош пат, па се сожали на злото, за кое беше рекол дека ќе го нафрли врз нив, и не го нафрли" (Јона 3,10). Гледаш ли? Само постот не ги избави од пропаста, туку и промената на целиот живот го умилостиви човекољубивиот Господ.
Тоа не го реков за да ја намалам важноста на постот, туку уште повеќе да го почитуваме. Честа на постот не е само воздржување од храна и пиење, туку воздржување и од грев. Инаку, оној кој мисли така, повеќе го омаловажува постот. Постиш ли? Покажи ми го тоа со дела. Ке ме прашаш: со какви дела? Еве какви: ако видиш сиромав, додели му милостиња; ако имаш непријател, смири се со него; на пријателот во среќа не му завидувај; ако видиш убава жена не ја посакувај, туку помини и чувај го своето срце.

Постат не само твојата уста, туку и очите и ушите, нозете и рацете, сите делови на твоето тело. Рацете - чувајќи се од несправедливо богатство и среброљубие. Нозете - престанувајќи да одат на беззакони места. Очите - да не гледаат по убави лица и никаква убавина. Гледањето е храна на очите, му пречи на постот и го руши спасението на душата.

Ништо не е полошо од воздржување од јадењата што се дозволени, а со очи да се проголтува забранетото. Нека пости и твојот слух - да не примаме и да не слушаме озборувања, клевети, лоши зборови. Нека пости и твојот јазик - од лоши зборови и исмејувања. Каква полза добиваме ако се воздржуваме од нејадење на птици, риби и животни, а со јазик ги јадеме браќата, оти, оној кој зборува лошо, го јаде братот свој. Затоа и светиот апостол Павле рекол: "А ако, пак, меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг" (Гал. 5,15). Во телото на ближниот ти не зариваш заби, туку во неговата душа си запретал лош збор, си ја ранил со лош глас, си направил илјада лошотии врз себе и врз него, но и на мнозина други, зашто, осудувајќи го ближниот, најнапред, си сторил зло на оној кој те слуша.

Ако тој е грешник, тогаш ќе стане незаинтересиран за своето спасение оти нашол соработник во гревот. Ако е праведник, ќе падне во гордост, ќе се погордее над туѓиот грев и ќе добие поттик да мисли високо за себе.

Со пост Даниил излезе од лавовската пештера, во која што беше фрлен. Излезе, како да беше фрлен меѓу мирни овци. Иако се пенеле од бес и го гледале со поглед кој усмртува, сепак не го допреле телото на пророкот, дури и тогаш кога ги поттикнувала и самата природа. Не го допреле телото ни поради гладот кој ги гонел (оти седум дена ништо не јаделе). И трите момчиња, влегувајќи во вавилонската печка и останувајќи во неа долго време, излегле од неа со пост и посветли од самиот огин. Како не можеше огнот да го стори она што му е природа? Ако тоа навистина биле тела, како да не претрпат во огнот она што морале да го претрпат? Прашај го постот и тој ќе ја реши загатката.

Затоа, прими го постот со раширени раце! Зар не е безумство да бегаш и да се плашиш од постот, кога тој помага и во огнената печка, штити во пештерата на лавовите, ги прогонува демоните, ја менува Божјата волја, ја скротува страста и предизвикува голема тишина во нашите помисли.

Слабите велат: постот го изнемоштува, го ослабнува телото и предизвикува болест. Доколку надворешниот човек се распаѓа, до толку внатрешниот се обновува секој ден (2. Кор. 4,16). Ако сакаш да го испиташ тоа дека постот е мајка на телесното здравје - прашај ги лекарите. Тие велат дека воздржувањето е мајка на здравјето, а болестите во нозете, повраќањето, водената болест, запаленијата и многуте други болести произлегуваат токму од лакомството и од прејадувањата и кои како нечист извор им штетат на здравјето на телото и чистотата на душата.

Затоа, да не се плашиме од постот кој избавува од толку зла. Тоа го кажувам од причина што гледам многу луѓе кои бегаат од пост, како постот да ги предава на некој мачител, па се упропастуваат со прејадување и пијанство. Луѓето со слаб стомак откога ќе го наполнат стомакот со повеќе храна, потоа земаат лекарства од коишто немаат корист оти силата на лекарството се губи. Па, лекарите советуваат навечер да не се јаде, за лекот да има својство. Така е и со постот.

Ако денес се предадеш на пијанство, а следниот ден го земеш лекот на постот, тогаш тој не ти користи ништо и остануваш без плод и покрај тоа што го поднесуваш трудот на постот оти сета сила си ја употребил против штетата што ти ја предизвикало пијанството. Ако го спремиш телото и го земеш постот со здраво и јасно сфаќање, преку него ќе се очистиш од многу гревови. Значи, да не се опиваме ни пред ни по постот, да не ни се случи како на луѓето со штотуку залечената рана што ја повредуваат со удар, па чувствуваат поголема болка од поранешната. Така станува и со нашата душа кога во почетокот или на крајот од постот ја помрачуваме со пијанство и прејадување. Има многу луѓе кои се подготвуваат да се борат со постот како со некој лош ѕвер, како оние што вистински се подготвуваат да се борат со дивите ѕверови, па се заштитуваат со штитови и разно оружје, така тие се оградуваат со пијанство и прејадување и, претоварајќи се неразумно, го среќаваат кроткото лице на постот.

Свети Василиј Велики
sv.vasilij.veliki.jpgПостот е древен дар кој не старее, но постојано се возобновува и цвета во целосна убавина. Мислиш ли дека на неговата старост му пречи времето на произлегувањето на Законот? Постот е постар од Законот. Не мисли дека денот на очистувањето, востановен во Израилот, "во седмиот месец на десеттиот ден од месецот" е почеток на постот (3. Мој. 16, 29).

Задлабочи се во историјата и барај ја древноста на неговото произлегување! Постот не е ново откритие, туку скапоценост од Отците. Се што се одликува со древност, е достојно за почит. Почитувај ја древноста на постот! Тој му е современ на човештвото. Постот е озаконет во Рајот. Првата заповед што ја добил Адам била: "Од дрвото за познавање на доброто и на злото, од него не јади" (1, Мој. 2,17). Тоа "од него не јади" е востановување на постот и воздржувањето.

Ако Ева беше постела и не беше вкусила од дрвото ние немаше да имаме потреба од пост, зашто "здравите немаат нужда од лекар, а болните" (Матеј 9,12). Ние сме повредени од грев, треба да се излечиме со покајание, а покајанието е непотполно без пост. Заповедано е да бидеме понизни по дух, а не да се надеваме на суета. Низ постот ќе се оправдаш пред Бога. Бидејќи не постевме, затоа сме исфрлени од Рајот. Затоа треба да постиме, за да се вратиме во Рајот. Не го под држувај престапувањето на Ева, не го примај повторно советот на змијата кој ти го предложува лукавиот за да му угодиш на телото! Не се оправдувај со тешкотии и истоштеност на телото, не ми ги давај мене тие оправдувања, туку на Бога!

Одговори ми: да постиш не можеш, а да се преситуваш и да го оптоваруваш телото со бремето на најразлични храни - можеш? Во Рајот немало ниту вино, ниту колење на животни, ниту јадење на месо; виното го откриле по потопот. По потопот е речено: "Се што се движи и живее, ќе ви биде храна" (1. Мој. 9, 3). Кога не останала надеж за совршенство, тогаш било дозволено насладувањето. Впрочем, ползата од постот не треба да те ограничува само во едно воздржување од јадење мрсна храна, зашто вистинскиот пост е оддалечување од зли работи. Избегнувај ја неправдата! Прости му ги навредите на ближниот, прости му ги делата на должникот, немој да постиш во кавги и осудување! Воздржувајќи се од виното, не се воздржуваш од навреди. Не јадеш месо, а го јадеш брата си. Постиш цел ден, а си заседнал во осудување.

Постот ја испраќа молитвата кон небото, видоизменувајќи се во крилја при искачувањето нагоре. Постот е духовно растење за семејството, мајка на здравјето, воспитувач на младоста, украсувач на старите, добар сопатник за оние кои патуваат, надежен сожител на општеството. Постот ги раѓа пророците, дава крепост на силните, ги мудрее законодавателите... Постот е добра стража за душата, надежен сопатник на телото, оружје за доблесните луѓе, училиште за подвижниците. Тој ги отстранува искушенијата, ги закрепнува подвижниците во благочестието. Станува сожител на трезвеноста, раѓа целомудрие во душите, во војна тој извршува подвизи, во време на мир учи на безмолвие, го осветува монахот, го усовршува свештеникот. Преситувањето е почеток на секакви пороци и гревови, затоа постот е оружје за борба против пристапите на лукавиот. "Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост" (Марко 9, 29). Колку се многубројни благите дарови на постот!

sv.efrem.sirin1a.jpgСвети Ефрем Сирин
Возљуби ја Христовата скромност за духовно да се обогатиш. Возљуби го прекрасниот пост, зашто е дело достојно и богоугодно. Постот - тоа е кочија која води кон небото. Постот ги раѓа пророците. Тие што постат имаат чесно тело и скапоцена душа. Постот го успокои Лазара во прегратката на Авраама. Затоа и ние да го возљубиме, за да не прими Авраамовото крило. Да го избегнуваме раскошот и да не бидеме робови на пијанството - тие извори на блудството. Пијанството не Го прима Господа, туку, напротив, пијанството Го отстранува од нас Светиот Дух. Постот е пат кон покајанието и виновник за солзите. Постот не го сака светот, ниту, пак, тоа што е во него. Нека не паѓаме во униние1) кога постиме, зашто во секоја црква ангелите ги запишуваат имињата на тие кои постат. Постот е туѓ на злопамтењето - оние, кои во умот ги чуваат огорчувањата и направеното им зло, макар и навидум да постат и да се молат, прилегаат на луѓе кои црпат вода и ја налеваат во продупчена бочва. Бог не ги прима молитвите на човек кој го помни злото на брата си. Нека биде слава и сила на Господа, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

1) Униние - духовна состојба на границата меѓу очајание и смирение; депримираност, малодушност.

 

 

 

sv.efrem.sirin1a.jpgСвети Григориј Ниски
Претставникот на Црквата и наставниците на благочестието и добродетелен живот имаат голема сличност со учителите по пишување и наставниците по основно читање. Кога тие, последните, ќе ги земат децата, кои се мали и слаби во зборови, не ги воведуваат веднаш во крајни познанија, туку во почетокот на восочна плочка ја испишуваат буквата "А", а потоа ги испишуваат останатите букви, ги учат да ги запаметат имињата, им ги вежбаат рацете за да ги испишуваат, преминуваат понатаму кон осознавање на слоговите и на крајот, ги учат да искажуваат зборови. Така и учителите на вера и благочестие, во почетокот ги наведуваат слушателите во основите на знаењето, а потоа им го предаваат совршеното знаење.

Доколку во изминатите два дена ние ја зауздаме приврзаноста на јазикот кон насладувањето и кон стомакот - немојте да мислите дека и сега ќе зборувам за истото, дури и да е неспорна користа од воздржувањето да јадеме месо, да пие-ме пенливо вино, да се гордееме во готвење и да се изморуваме во честење и гоштевки! За тоа кажано е доволно, па и делата ја докажаа силата на убедувањето.

Вие, кои го изучивте основното учење, ред е да се запознаете и со останатото, повисокото поучување. Има пост нетелесен, има нематеријално воздржување кое се однесува на душата - тоа е воздржување од зло, заради кое е востановено воздржувањето од јадење и пиење. Воздржувајте се од завист и од злоба, воздржувајте се од посакување на туѓото! Избегнувајте ја нечесната печалба, умртвувајте ја страста на среброљубието, не ги украсувајте куќите со килими и мебели придобиени со насилство и грабеж. Зашто, каква полза има да не јадеш месо, а да го јадеш брата си со злоба? Каква придобивка има од тоа да не го јадеш своето, а да брзаш кон туѓото? Какво е тоа благочестие: да пиеш вода, а да копнееш за крв? И Јуда постел со единаесетте, но кога не го скротил среброљубието, не постигнал никаква полза од воздржувањето. И ѓаволот не јаде, зашто е бестелесен дух, но поради злобата се струполил од височината. Гаволите никој не може да ги обвини за прејадување или пијанство, зашто природата им е туѓа кон секое јадење и пиење, но тоа не им пречи ден и ноќ да го крстосуваат воздухот и земјата како слуги на злобата и војници на злото против нас.

Љубомудрието нека биде раководство за животот на христијанинот и душата нека ги избегнува пристапите на злото, зашто ако се воздржуваме од месо и вино, а грешиме со срце и волја, однапред сведочам и претскажувам, никаква полза нема да ни причинуваат водата, овошјето и посната храна штом немаме внатрешно расположение кое ќе одговара на надворешната устроеност.

Постот е поставен за чистота на душата. Но, ако тој се осквернува од спротивен род, од разгневеност и дела, напраз-но ја испиваме водата што ја пиеме. Каква полза од телесниот пост, ако умот е нечист? Каква полза, ако кочијата е здрава и устроена, а кочијашот е болен? Каква полза, ако коработ е солиден и устроен, но кормиларот е пијан? Постот е основа на добродетели кои тежнеат кон спасение.

 Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

(продолжува)

Издавач: Ставропигијален манастир Гаврил Лесновски, епископ Велички

Друго:

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3233
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7731
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

29/12/2024 - недела

Божикен пост (пост на масло)

Светиот пророк Агеј; Свети Никола Хрисоверг, патријарх Цариградски; Светата царица Теофанија;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на Христов патријарх Модест Ерусалимски 18 декември / 31 декември 2024

Тропар на Христов патријарх Модест Ерусалимски 18 декември / 31 декември 2024

Слава Тебе Господи,што такво срце човеково создаде,и по молбата Модестова очисти и исполни,со љубов кон родот човечки.Сотрудник Јованов, утешител Захариев,прославител...

Тропар на светиот Христов архиепископ Дионисиј Егински 17 декември / 30 декември 2024

Тропар на светиот Христов архиепископ Дионисиј Егински 17 декември / 30 декември 2024

Стражарејќи над умот свој,срцето одморено ти стана пристаниште за Бога и ближниот, о Дионисие архиепископу,во жртва целосна за Христа спремна,те...

Тропар на светиот Божји пророк Агеј 16 декември / 29 декември 2024

Тропар на светиот Божји пророк Агеј 16 декември / 29 декември 2024

Глас 2Агее свети пророче, ти кој поведен беше, храмот Господов духовно да го осознаеш, оној кој човек не го гради,туку Господ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная