Ќерката му се жалела на својот татко за тешкиот живот и му велела дека повеќе не знае како да се спротивстави на животните проблеми и тешкотии, како веќе да нема сила за борба; оти само што ќе реши некој проблем, веќе се исправува пред неа друг, уште потежок од претходниот.
Нејзиниот татко, кој по професија бил готвач, ја одвел во кујната. Зел три тенџериња, ги наполнил со вода и ставил на оган. За кратко време водата во садовите почнала да врие. Во првиот тој ставил морков, во вториот јајце, а во третиот неколку зрна кафе, и ги оставил некое време да се варат.
Ќерката била нестрплива да слушне што е тоа што нејзиниот татко сака да и го покаже со овој пример.
Таткото го исклучил шпоретот, па ги извадил од водата морковот, јајцето и зрнцата кафе и ги ставил во чинија. Ја погледнал својата ќерка и прашал: „ Што гледаш?“
„Гледам морков, јајце и зрнца кафе“, одговорила таа.
Потоа од неа побарал да го допре морковот и почувствува колку е мек и кршлив. Потоа ја замолил да ги излупи јајцето и да види дека тоа е сварено и тврдо. Најпосле ѝ рекол да го помириса кафето и таа се насмевнала кога го почувствувала неговиот богат мирис.
„Но што би требало да значи сето ова?“, прашала таа зачудено.
„Гледаш, ќерко моја, и морковот и јајцето и кафето поминаа низ истото, борејќи се со истиот непријател – „врелата вода“, но секој од нив се спротивстави на различен начин. Морковот беше тврд и цврст, но многу брзо омекна во врелата вода. Јајцето го чуваше неговата тврда лушпа, но набрзо и тоа се свари во топлата вода и ја промени својата состојба. Додека кафето е сосема поинакво. Неговото зрно не само што остана исто, туку успеа да ја промени и водата!
А, ти? Дали си како морковот, навидум силна, но штом ќе наидеш на мали препреки и тешкотии, слабееш и губиш сила? Или си како јајцето, со меко срце, кое кога ќе наиде на проблеми, станува тврдо. Твојата лушпа (надворешниот изглед) не се менува, но се менува твојата внатрешност, така што твоето срце станува тврдо и горко? Или си како зрно кафе, кое ја менува водата ( а таа е извор на болка) така што ја прави вкусна и ѝ дава убав мирис? Ако си како зрно кафе, ти својата околина ја правиш подобра, повредна, олеснувајќи си ја тешкотијата, така што ја претвораш во олеснување, наместо во грижа и тага.
Размисли, ќерко моја, на кој начин ќе се соочиш со проблемите во својот живот?
Извор: Бигорски манастир
https://bigorski.org.mk/wp-content/uploads/2017/12/starechnik-za-deca.pdf