Ете, се јави пресветото Дрво – крепката надеж на верните, избавувањето од клетвата, радоста на народите се положува пред нас, изобличувајќи го началникот на темнината. Верни, со радост да му се поклониме.
Од 9-та песна на канонот
Со изнесувањето на семоќното оружје на мирот и непобедливата победа – Чесниот Крст Христов и споменот на Светите маченици Макавеи, Црквата Божја денес го започнува двонеделниот свет Богородичен пост. И еве го нејзиниот призив: „Пријдете, верни, на животворното дрво да се поклониме, на кое Христос – Царот на славата – доброволно ги рашири рацете, за да нѐ издигне до првобитното блаженство, од кое некогаш непријателот нѐ лиши и од Бога нѐ оддалечи, поради една горчлива наслада“. Пријдете, верни, со светиот и блажен пост грешката на нашите родители да ја поправиме, душата да ја израдуваме и на Бога да Му угодиме. Мудро Црквата го започнува овој подвиг на воздржание со Чесниот Крст, зашто тој „им подготвува пат кон небото на сите оние што му се поклонуваат со несомнена вера и Оној Кој се прикова на него, ги придружува кон хоровите на бесплотните сили, оние што со љубов Го воспеваат“. А како беспрекорен пример за воздржание и неотстапно пазење на Божјиот закон, таа ни го предлага споменот на седмочислените старозаветни маченици Макавеи, со мајка им Соломонија и учителот Елеазар, кои пред царот мачител храбро Го исповедаа Бога Сецарот: „Од Него не може да нѐ оддели ни огнот, ни мечот, ниту ѕверовите, ниту раните, туку заедно ќе умреме со мајката старица и со таткото учител, живеејќи и радувајќи се заедно во бесконечните векови“.
Овој светол триумф на Крстот Христов и на незаборавните Макавеи, Бигорската Света Обител го прослави молитвено и благодарно, со изнесување и поклонение на Светото Дрво на крајот од големото славословие. Голема духовна наслада беше за нас особено Божествената Евхаристија, отслужена од нашиот старец, Архимандрит Партениј, и браќата јеромонаси и јероѓакони. По завршувањето на Литургијата, согласно црковната традиција, старецот освети вода во манастирската фијала, а го благослови и годинешниов мед, како една симболика за сладоста на постот и на духовниот подвиг.
Нека ни биде благословен почетокот на светиот Богородичен пост и по молитвите на славната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, да се удостоиме сите, во радост и чистота, да се поклониме на нејзиното сечесно Успение!
Извор: Бигорски манастир