Многу уважувана!…
Околу вашите доживувања по повод светлата Утрена служба ќе речам: „На оној кој Го љуби Господа, сè му оди во прилог“. Светите отци велат дека Царството Божјо не доаѓа како нужна последица поради придржување на духовниот „ред“. Ако очекуваме духовна радост, може (најчесто се случува) да не ја добиеме. Правилното настроение на душата се состои во тоа да се сметаме себеси за недостојни за секаква духовна утеха. Уште повеќе, преподобниот Јован Лествичник ни вели: „Со раката на смирението отфрлај ја радоста која доаѓа, како недостоен за неа, за да не би се соблазнил од неа и да не би го зел волкот за свој пастир“. Таа мисла, на различни начини, ја искажуваат сите свети отци. А сите луѓе лесно се „лизгаат“ во секакви гревови, а особено во оние коишто се колку штетни, толку и тешки. Никој не може со сопствени сили да ги запре и да ги надвладее – освен свеста за својата немоќ, бедност, грешност за ненадминување на својот долг пред Бога, и оттаму, незапирливиот плач („срце понизно“ кое постанува „смирено“), кое го имале сите Божји угодници, ете тоа е правилно духовното настроение, кое го заштитува човекот од паѓање и го води кон духовни дарови и кое ги штити тие дарови, доколку се удостои за тоа.
Подвижникот кој не плаче усрдно, се наоѓа во духовна „прелест“ поточно во лажно настроение, и, ако не се поправи, може да падне во бесовска (демонска) прелест и да загине. Во наше време сè се случува во незабележителен облик (не говорам за очигледното зло), но може да се случи, и повеќето од оние што се подвизуваат, привремено или секогаш, да се наоѓаат во прелест. Ова е многу чувствителен предмет за дискусија…
Успешноста во духовниот живот се мери – не со духовна утеха, која може да биде од лукавиот, туку – со длабочина на смирението.
Извадок од книгата: Игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, Скопје 2001,
Извор: Бигорски манастир