логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 


На Рождеството Христово Ангелите прво пееле слава на Бога во висините и после тоа на земјата мир, меѓу луѓето добра волја.

Само што ќе го доживееш првиот дел од тоа песнопение – слава на Бога во висините – ќе почувствуваш мир во своето срце, ќе исчезне меланхолијата од твојата душа, ќе се умиротвори домот, ќе се помириш сам со себеси, со блиските, со светот, со колегите, и ќе си среќен човек.

И бидејќи човекот, јас и ти не Го прославуваме Бога, туку го прославуваме нашето сопствено его, во срцето немаме мир, ниту во домот, ни во светот. Светот не оди кон добро, светот нема мир, светот тлее и се распаѓа. Бог постои, но ние не учествуваме во Неговата божествена благодат, добрина, љубов. Сите тие нешта постојат, но ние не им се насладуваме, не ги живееме, не им се радуваме, зошто? Затоа што не Го прославуваме Бога, не сме разбрале дека Тој постои, за да Го прославиме, не сме разбрале дека тоа е целта на нашиот живот. Постојам за да ја одразувам Неговата благодат, слава, радост – за да стане Бог Сѐ за мене. И кога ќе стане Бог Сѐ за мене и ќе Го прославам, тогаш ќе се успокојам, а тоа ќе значи дека сум го разбрал своето место во светот, во вселената.

Ако те прашам што мислиш во овој момент, кое е прашањето што те измачува, која е главната тема во твојот живот, што ќе одговориш? Некој ќе ми каже: Парите. Децата. Работата. Жена ми. Друг го кажува погрубо: жените! Жените велат: мажите! Друг се тревожи за имотни прашања – куќи, шопинг, моето тело, мојата убавина, тие нешта ме занимаваат – следствено, тие нешта ги прославувам. Значи, тоа владее во тебе, тоа е објектот на твојата прослава. Тоа е она што значи да Го прославуваш Бога: да Го направиш прва и главна тема во својот живот. Првата личност, којашто го опфаќа умот, срцето, моето битие. Затоа, кога гледаш дека за тебе Христос не е на прво место, туку Тој зазема четврто, петто, шесто место во твојот живот, а некои Го поставуваат и на последното место, тоа е веќе проблем. Зашто, размисли: Христос, Самиот Бог, Он, Кој е Алфа и Омега, се наоѓа на четврто место; Оној, Кој е Почетокот и Крајот, Оној, Кој вечно постои, Оној, Кој единствен постои – сите други не постојат, зашто сите други постојат, бидејќи учествуваат во Неговата слава, сила и животворна енергија. Но ние ги поставуваме сите други нешта на прво место, а Бог, Кој е Почетокот на сѐ, Го поставуваме на четврто, петто, шесто место. Ќе ви докажам со еден пример.

Запрашав еден човек: во колку часот отиде в црква на Рождеството Христово? Службата започна во 5 часот. Ти во колку отиде? Подоцна. Друг беше отишол на бдение, кое започнало во 22 часот, во навечерието на Рождеството Христово, а ти дојде после 23 часот. Што те задржа далеку од храмот за еден час? Јадењето, подготовките, миењето, поправањето, домот? Тие нешта ги прославуваш повеќе од Бога. Што е тоа толку важно, што да те натера да задоцниш за Бога? Сигурно било многу важно за тебе. Ако Христос беше важен во твојот живот, немаше да оставиш ништо да те оддели од Него и ќе доаѓаше на време. Еден пријател свештеник, кој, за да ги повика своите парохјани во денот на Христовото Рождество, им велеше:

– Ако жена ти се пораѓаше и ти знаеше дека таа ќе роди во болницата во шест часот, ти немаше да отидеш во шест часот, туку во шест без нешто, за да бидеш со неа, да се подготвиш за тоа раѓање, ти би сочувствувал и тоа би те радувало. Зошто? Затоа што си вљубен во жена си, затоа што го сакаш детето што ќе го роди, тоа е главната тема во твојот живот и мисла за тој ден.

Така би требало да живееме со Христос, Тој треба да е првата тема во нашиот живот. И кога Христос ќе стане првата тема, сите други нешта ќе се наредат со точен ритам, со совршена рамнотежа во твојата душа, со хармонија, сѐ ќе подредуваш на најдобар начин. И храната што ќе ја приготвуваш, ќе биде поблагословена, и на работа ќе одиш, и помирен ќе бидеш, сѐ ќе се одвива без да го губиш мирот во душата, и Бог ќе Го пронаоѓаш преку сѐ. Тоа е првенствено. Но ние не Го поставуваме Бога на прво место во нашиот живот, туку на последно, не Го прославуваме Бога и затоа немаме мир.

Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја.

Да го прославуваш Бога, да сфатиш дека Он е сѐ, тогаш ќе разбереш дека не постои ништо пред Него, коешто го заслужува твоето внимание.

Веројатно нештата за кои ти зборувам, ти се причинуваат како глупост. Знаеш ли, ќе го разбереш тоа за што ти зборувам, но се плашам дека тогаш ќе биде доцна? Во моментот кога ќе си заминеме од овој свет, ќе ги затвориме очите, да ја напуштиме реалноста на овој живот – тогаш ќе разбереме дека сѐ што сме прославувале во овој живот и сме го поставувале на прво место во нашето срце, во нашите мисли, во нашето сознание, воопшто не било прво, туку последно. Зошто? Затоа што сѐ нѐ напушта во тој миг. Го сакаш толку многу домот свој, а гледаш како четири души те изнесуваат од дома, те носат и те водат. Каде? Во еден друг живот. Го сакаш толку многу својот компјутер и гледаш дека во даден момент се одделуваш од него. Доаѓа смртта. И не ми вели дека преувеличувам, зашто кога стоиш пред компјутерот сто часа на ден, зар си го поставил на второ и трето место?! Прости ми! Колку часа се помоли денес? А колку часа играше и седеше пред компјутер? Еднаш некој ми кажа на исповед:

– Оче, ако сакаш да ми ги отсечеш нозете и да ми наложиш духовна аскеза, натерај ме да не седам пред компјутер, или да живеам без интернет.

Јас го запрашав:

– Зошто?

– Затоа што тоа ми ја украде душата!

Компјутерот станал твојот бог. Кај други луѓе е различно, секој има нешто што го почитува како бог – јас ги имам моите страсти, ти ги имаш твоите страсти, ги величаме страстите, го прославуваме нашето его. Сега не го сфаќаш тоа, затоа што сите тие нешта те ограбуваат, омајуваат, занесуваат, ти го замајуваат умот. Смртта, сепак, поставува сѐ на свое место.

Ти ќе бидеш навистина мудар, ако отсега разбереш дека Христос треба да го заземе првото место во твоето срце, затоа што сите други нешта ќе те остават, ќе те предадат, ќе те ранат, ќе ти причинат меланхолија и ќе почувствуваш просто не тага, а депресија од тоа, ќе те остават. Но тогаш ќе биде многу доцна. А ако сега Го направиш Христос центар на твоето срце, ќе ги преживееш нештата за кои се говори во Акатистот на Пресвета Богородица. Убаво е да го читате секој ден и да ја молите Пресвета Богородица да ги разберете таинствените длабочини на тие зборови. А каков ќе биде знакот дека сте ја разбрале нивната длабочина? Кога ќе ги разбереш зборовите на Акатистот нема да можеш да ги искажеш, но не затоа што ќе ти биде тешко, туку затоа што не ќе можеш да ја издржиш благодатта којашто извира од нив, којашто ќе ти ја залива душата. Устата ќе ти замолкне од изобилието на благодатта, затоа што Акатистот кон Пресвета Богородица, особено сега, на Рождеството Христово, носи голема радост на душата, затоа што го опишува целиот настан на Боговоплотувањето, тајната на Божјиот домострој. Но се лишуваме од таа радост – Акатистот е посветен на Христовото Рождество, а тебе ти е тешко да се молиш на Пресвета Богородица, тешко ти е да Му зборуваш на Христа, да ја поздравуваш Онаа, Којашто ја донесе радоста во светот? А не ти е тешко да гледаш телевизија сто часа? И не ти е тешко да читаш спортски новини и озборувања, а ти тежи молитвата? Гледај колку длабоко сме „отупеле“ и колку малку значи Бог за нас?

    Откако го видовме чудното Раѓање, да се оддалечиме е од овој свет, издигнувајќи го нашиот ум кон небото, зашто вишниот Бог се јави на земјата како смирен човек, за да ги привлече кон височината оние кои Му викаат: Алилуија!

Опишано е чудесното Раѓање, кое предизвикува неверојатно чувство – се оддалечуваме од светот, за малку се откинување од оваа земја за да дознаеме дека постои друг свет, друга вечна реалност, а оваа реалност што ја живееме, иако не е лажна, сепак не е вечна, туку привремена. Каде се нашите дедовци, прадедовци, кои имале мечти, надежи, строеле, граделе, собирале, граделе куќи? Каде отидоа тие луѓе? Каде отидоа нивните мечти? Овој свет не е вечен, затоа во песнопението се вели: Откако го видовме чудното Раѓање, да се оддалечиме е од овој свет. Каде да отидеме? На небото. Да го пренесеме умот на небото, да живееш тука со своето тело, но душата да ти биде некаде другаде, да си небесен човек и земен ангел. Една од целите на раѓањето на Христос била и таа – затоа слезе при нас Бог – Тој дојде и стана смирен човек, сакајќи да ги привлече кон висините тие коишто му пеат: Алилуја!

Дојдов, вели Господ, да ве привлечам кон Себе Си, да ве одделам од земјата, да Ме засакате Мене, да се вљубите во Мене, да мислите за Мене и да го правите тоа што Јас го правам. Семејство, шопинг, дела, читање, игри, правете што правите, но преку сето тоа сакајте Ме Мене и доколку го правите тоа, истовремено ќе бидете вљубени во Мене. Поставете Ме Мене на прво место во вашиот живот. Јас ќе ве привлечам вас, кои ми викате: Алилуја. Алилуја значи фалете Го Бога, прославете Го Бога. И ете, одново, Го прославуваме Бога, а прославувајќи Го, Он нѐ одлепува од земното.

Ние можеби ќе Му противречиме: Господи, како да Те прославуваме? Прво треба да нѐ привлечеш и после да се одлепиме од оваа земја? Не знам, тие нешта се случуваат паралелно. Бог нѐ привлекува, ние Го славословиме. Понекогаш тоа се случува и без да го чувствуваме силно Неговото привлекување. Се бориме да се надминеме себеси, а Бог го гледа нашето љубочестие и ни вели: земи малку повеќе благодат, благослов, отколку што си посакал. Те привлекува повеќе кон Себеси, ти го очистување умот, чувствуваш леснотија во своите мисли. Тоа е убаво искуство, да се разбудиш наутро и да имаш бистра глава, чист ум, да не ти идат разни мисли, меланхолија, маки. Умот да ти е чист, да го живееш тоа за коешто говорат светците: мир на помислите. Умот е чист, мирен, не мислиш, а живееш. Мислите не се животот, тие се болка. Мислиме за илјада нешта, а Бог вели: доаѓам да те привлечам кон Себеси, да станам Сѐ за тебе, да имаш друго искуство и преку него да си среќен.

Замисли си еден вљубен човек, којшто се подготвува за среќниот миг и во денот пред свадбата му раскажуваат различни обесхрабрувачки случки на неуспешен семеен живот. Тој, сепак, макар и да слуша, живее во радоста на тој ден и ништо не го допира. Што и да му кажеш, тој ја живее насладата и радоста на свадбениот ден. Тоа ќе стане и со тебе, ако разбереш што значи тоа, што Бог Словото дојде во светот. Ние дури не можеме ни да си замислиме колку добар и благ е Бог. Затоа што, ако го разбереме тоа, ќе умреме од среќа, ќе се растопиме од радост, а тој опит се дава во молитвата. Во тој момент ќе плачеш постојано, нема да знаеш и нема да е потребно да објаснуваш зошто плачеш, но ќе знаеш многу добро дека тој плач се должи на допирот до вечниот Бог. Ќе почувствуваш таква радост и такво чувство за вистината, од тоа што живееш во вистината, а не просто се доближуваш интелектуално до неа, којашто не може да се опише со зборови.

Како да ти ја опишам таа радост, пријателе, за да ја разбереш? Ако страсно го сакаш фудбалот, можам да ти кажам, дека тоа пијанство што го чувствуваш на стадионот, е ништо пред она, коешто можеш да го доживееш ако ја почувствуваш радоста што Христос ја донесе во овој свет. Голема радост. И многу е жално што уште не си ја почувствувал.

Всушност, големата тајна на Рождественските празници е што ако не ја разбереш смислата на овој празник, нема да можеш да се зарадуваш никогаш. И дури, подобро е што не се радуваш, за да се разбудиш, да ја побараш во себеси причината за недостатокот на радост. Зошто не се радувам? Јадев, пиев, пукнав од јадење и пак не се радувам со опојна, длабока радост. Зошто?!

Побарај го тоа зошто, но не се самоуспокојувај. Разбери ја причината поради која не можеш да ја почувствуваш радоста, за којашто копнееш.

Во една легенда се раскажува за еден човек, којшто многу ги сакал ластовиците, ги гледал како летаат во јато, илјади и десетици илјади, ги сакал, но едно нешто го загрижувало. Во тоа далечно време, ластовиците не знаеле дека пред зимата можат да одлетаат на југ, останувале преку зимата во старите места и умирале од студ. Тој човек се обидувал да им објасни дека треба да одлетаат, им ја посочувал Африка, ги опоменувал на најразлични начини дека ако останат тука преку зима, нема да преживеат, ниту ќе имаат храна. Што и да зборувал, тие не го разбирале. Та нели тој бил човек, а тие – ластовици. Накрај, тој се помолил на Бога вака: Господи, ги сакам исклучително многу тие птици и сакам да им помогнам да не умрат од студ, но не можам. Не ме разбираат. Само едно решение гледам, Господи. Направи чудо, направи ме ластовица! Со човечки ум, но ластовица, за да можам да им зборувам со мудроста на луѓето на нивниот јазик и да ги спасам. И додека се молел, Бог го направил Своето чудо и го претворил во ластовица. Тој влегол среде јатото, им зборувал, тие го разбирале. Го прашале од каде го знае сето тоа, но го следеле, затоа што имале доверба во него. Елате, велел тој, ќе ве земам оттука, каде што е студено и ќе појдеме на југ, каде што е топло. Таму нема да умреме преку зимата, ќе биде убаво. И кога дошол студот, тие одлетале, започнало да станува сѐ потопло и така стигнале до топлите предели.

Кога за прв пат ја прочитав оваа легенда, само што се бев вратил од исповед. Бев многу изморен и сакав да легнам, затоа што исповедав 40 луѓе. Тогаш ја зедов книгата на св. Николај Велимировиќ ,,Мисионерски писма“ и ја отворив случајно. Ми беше подарок, првиот том, и наидов на таа легенда. Не можев да заспијам кога ја спознав убавината на легендата. Сето тоа во Црквата воопшто не е мит, туку реалност. Бог нѐ сакаше, нас, Неговите ластовици, кои умиравме од студ – студот на самотијата, меланхолијата, гревот, болката, порокот, егоизмот. Егзистенцијален студ. А Бог нѐ гледаше и велеше: Ластовички мои, елате да се стоплите, има топли места, сакам да ве спасам, сакам да ви ја покажам Мојата голема љубов. Тој ни зборува уште од рајот, од каде што паднавме, а ние не Го разбиравме. Тој сакаше да нѐ допре, а ние мислевме дека сака да ни стори зло. Тој правел пат за нас, а ние чувствуваме дека нѐ заплашува и Му велиме: Остави нѐ! Тргни се! Тој ни зборува и постојано ни кажува: Ве сакам! Сакам да ве спасам оттука за да не замрзнете и да не се мачите. Ве гледам и сакам да ве спасам! А ние му одвраќаме: остави нѐ! Не разбираме што ни зборуваш!

    И Бог рече: не разбираат што зборувам, не Ме разбираат затоа што сум Бог, тие се луѓе. И бидејќи толку многу сакаше да ни ја објасни Својата огромна љубов, Тој рече: не Ме разбираат – ќе најдам начин да Ме разберат. Јас ќе станам човек, за да дојдам при тебе, слатко Мое ластовиче, да не можеш после тоа да ми кажеш дека не Ме разбираш, и ќе зборувам на твојот јазик, ќе бидам како тебе, ќе се облечам со твоето тело, ќе Ме гледаш до тебе и веќе нема да велиш дека не ги разбираш зборовите што постојано ќе ти ги зборувам. И ќе ти повторувам: те сакам, ти простувам, те очекувам, дојди да не замрзнеш, дај ми ја раката да те одведам таму каде што ќе се смириш, и ти ќе велиш: Кој си Ти, Којшто зборуваш толку убаво, Кој си Ти толку разбирлив, мој пријател, мој човек, Кој си Ти? И кога ќе Ти се доближам, Господи, ќе разберам дека може да си човек како мене, но си и нешто друго – Бог. Нема да се исплашам од тоа да Ти се доближам и така ќе ме спасиш.

Бог така направи – ни говореше, ние не Го разбиравме – стана Човек, Го разбравме и сега сме слободни да го определиме нашиот однос кон Него, но никој веќе не може да каже дека не Го знаеме Бога, не разбираме што ни зборува. Христос дојде на земјата. Неописливото Слово потполно беше на земјата, без и најмалку да отстапи од небото; зошто не беше промена на место божественото слегување и раѓањето од Богопријатната Дева. Тој е и таму и тука; на небесата, но  и тука, помеѓу нас. Големи тајни. Бог, сепак, тоа сака да ти каже, затоа се воплоти, за да ти каже: „Те сакам!“ Или да ти ги дошепне тие зборови во увото, за да ги слушнеш само ти, моето дете: „те сакам, немој да се обвинуваш, што и да си направил!“ Ама направив многу нешта, какви ли не престапи. „Те сакам, затоа станав Човек, затоа дојдов при тебе, од безгранична љубов, да те земам од студените места на гревот и измамата и да те одведам во топлината на рајот. Ела при Мене, ела да полетаме“. Ти велиш: „Не можам да летам толку далеку“. А Тој: „Седни во Моите крилја, ела, ги отворам моите крилја и се распнувам“. Една распната ластовица. Господ ги распростре рацете на крстното дрво. Како две отворени крилја, со кои ни кажува колку многу нѐ сака, со безгранична љубов.

И додека зборувам за Рождеството во Витлеем, те одведов на Голгота. Светлината која изгрева во Витлеем, свети на Голгота, светлината која излегува од Витлеем и врви кон Голгота. Во Витлеем има една пештера, и на Голгота има пештера: таа на Пресветиот Гроб. Две пештери кои го примија пресветото тело на нашиот Господ. Кога Бог го создал целиот свет, тогаш ги создал и двете пештери: пештерата на Христовото Рождество, каде што знаел дека некогаш тука ќе се родам Јас, ќе се воплоти Мојот Син, Синот и Словото Божјо се воплоти тука, во таа пештера, во Витлеемската пештера, којашто постоела оттогаш, кога светот бил создаден. И една друга карпа: таа на пресветиот Божји Гроб, когошто Бог го предназначи да стане Негово живеалиште, Негово легло, кога умре во овој свет, каде Го погребаа.

Многу ми се допаѓа тоа и само што ќе помислам на тоа се радувам. Ами ако го доживеам вистински некој ден, да го доживеам опитно, да Го видам Бога пред мене и да Го засакам Христос во своето срце. Колку убаво би било тоа! Такви треба да се нашите доживувања: не да зборуваме, а да се молиме на Христос, не да раскажуваме за Христос – како радиопредавање, туку да зборуваме со Него, не да произнесуваме зборови за Христос, туку да ги кажуваме на самиот Господ и тоа да биде мојата наслада. Да не ми е грижа за предавањата, за едно или друго, и што ќе каже овој или оној, туку да шепотиме: „Господи, ние молчиме, сакаме Тебе да Те слушаме, да Те гледаме, да Те допираме, да бидеме во заедница со Тебе, Ти да ни го исполнуваш животот!“

Тоа што сега те интересира не е ништо особено, не е проблем, ти кажувам. Ти не разбираш и ми го кажуваш. Не е проблем – кога ќе ја разбереш Христовата љубов, сето тоа што сега го нарекуваш проблем, ќе го видиш на друг начин, со други очи, и не го кажувам тоа јас, други луѓе ти го кажуваат, во писмата кои ми ги пишуваат: болен сум од рак и Го прославувам Бога. И јас му велам: ела еден ден пред микрофонот за да те слушнат сите луѓе. Јас не ги измислувам тие нешта. Има луѓе кои се болни, полни со болка и притеснение, тие кажуваат: „кога ќе Го почувствувам Христос, ништо од тоа не е проблем во мојот живот“. Тоа значи дека си ја разбрал вистината, те допрел Христос, тоа ти го посакувам оваа година на Рождеството Христово – да Го допреш Христос! И ќе разбереш дека си Го допрел, кога сѐ друго ќе ти се стори многу бедно.

Не ти реков да појдеш да станеш монах, светогорец (дај Боже да станеш, ако Бог те повика). Не е тоа целта. И не е неопходно да станеш монах, бидејќи ти си веќе самотен (на грчки зборот μοναχός освен монах, означува и сам, осамен човек, сам со себеси) и таа самотија те измачува. Сите сме осамени во овој свет: и женетите се осамени и неоженетите, зашто во крајна сметка секој е сам со своето јас. Ти и твојата душа сте сами. Но кога ќе Го почувствуваме Христос, ќе ги разбереме некои нешта многу подобро: дека сето тоа што нѐ занимава се глупости и единственото коешто нѐ спроведува во вечниот живот, е Христос. Ако сто години од овој живот крадат толку многу од нашата душа, претпостави си колку треба да ја крадат нашата душа вечните години, кои сега ниту нѐ интересираат, ниту им даваме значение, како да не постои друг живот. Живееме така, како да не постои друг свет. Христос дојде тоа да ни го каже:

   „ има и нешто друго, затоа ќе јадам со вас, за да не кажете дека не јадам, ќе пијам, за да не кажете дека сум антисоцијален. Ќе дојдам и на свадбата во Кана Галилеја, за да не кажете дека дојдов да ве разделам и да не ве оставам да се порадувате на земната радост, љубов и сакање. Ќе дојдам и таму каде поучуваш, ќе дојдам и таму каде работите, во дрводелницата на Јосиф и при вас кои сте блиску до рибите, ќе отидам и во морето и на планината. Сѐ законски и благословено ќе направам Јас, за да видите дека работата не е во тоа да прекратите сѐ што правите, туку во тоа што го правите да Ме вложите и Мене, Кого Го пренебрегнувате, а Кој сум причината за сите нешта. Јас ти подарив живот, преку Мене живееш, твојот ум, кој сега се збркал од ситниците на кои мислиш – Јас го вложив во тебе тој ум, не за да решаваш равенки, ниту да се занимаваш со болни состојби и да полудуваш. Јас ти дадов ум за да мислиш за Мене, за Бога. Не си ли болно, дете Мое? Тоа што ти го дадов со љубов, за да мислиш за Мене, ти го земаш и мислиш безумици и се разболуваш. Кој ти е виновен, дете Мое? Јас ли сум виновен – вели Христос – што се разболе, што Ме отфрли од твојот живот и Ме постави на последно место? После тоа како да се израдуваш?“

Тоа е Рождеството Христово: Христос доаѓа смирено и вели: деца, дојдов! Дојде едно мало дете. Не дојдов да ви се правам строг, ниту да ве прекорувам, ниту да започнам да викам со камшик в рака! Ништо од сето тоа, туку дојде едно смирено Дете. Не се карам, така дојдов, како Детенце, да ви кажам да Ми се доближите и да ви донесам тајни од Рајот, од небото, дојдов да ви кажам многу вистини, скапоцени нешта, за да се спасите, да станете среќни. Ако сакате, следете Ме.

Тоа е смислата на празникот, природно како и други нешта.

Секоја година си мислиме дека сме ја разбрале смислата на овој празник, но неговата смисла е бескрајна. Што сакаш земи и вложи го во својот ум. Но и не заборавај дека животот не се променува со мисли, туку преку Божјата благодат.

Ти посакувам особено во овие денови да имаш љубов, да немаш никакво незадоволство, да не се грижиш за ништо, да не притеснеш никого, да повредиш никого, да не си неблагодарен. Да ја почувствуваш љубовта на Христос, колку многу те сака. Да го отфрлиш чувството на вина коешто те дави, те исполнува со мачнотии, те притиска. Почувствувај се слободно Божјо дете, затоа што Бог те сака, има Некој, Кој мисли за тебе. Кога сѐ ќе сврши, трпезата ќе биде празна, сите гости си тргнуваат и те оставаат и кога ќе останеш сам; кога некојпат ќе отидеш во планината, паркираш и гледаш во планините, морето, бескрајот, или седиш сам и ги оплакуваш своите грижи, знај дека има Некој, Кој те сака исклучително многу. Божјата љубов е бескрајна. Се роди љубовта, Бог, Кој е љубов, се роди и оттогаш во Витлеем започна да чука најтоплото срце, коешто се роди на светот – Божјото срце. Оттогаш секој удар на Неговото срце произведува само љубов. Тој звук, кога срцето се стега и отпушта и исфрла крв – Христовото срце исфрла постојано само љубов. А нашето срце бие од егоизам, инает, порок, грев, одмазда. Срцето на Христос, на малиот Христос, Кој се родил тогаш, до свршетокот на светот, Господовото срце чука само од љубов за тебе и ти вели – те сакам! Затоа се родив, не Ми беше срам да дојдам на земјата, не се згнасив од тебе, затоа те целивав, прегрнав, затоа те побарав и најдов, те зедов во Мојата прегратка додека ти беше во гнасотијата, смрдеата и нечистотата. Јас не се згнасив од тебе, затоа што те сакам. Дојдов да Ме видиш и да одмориш, дојдов за да не бараш, а да го најдеш тоа што го бараш. Дојдов за да не страдаш, туку Јас да пострадам за тебе и да те спасам. Дојдов за да се успокоиш. Дојдов за да не ја бараш судбината ниту на карти, ниту на кафе, ниту при бајачите, ниту при астролозите. Јас ќе бидам твојата судбина, Јас ќе бидам твојата среќа. И навистина си среќник, кога не веруваш во таа светска судбина, а си Го спознал Христос.

-Една жена ми рече:

-Оче, навршувам 51 година!

-Јас ѝ одговорив:

-Слави Го Бога, затоа што додека си живеела половина век, успеа да Го познаеш Оној, Кој ќе те одведе во вечноста. Половината век ти помогна да се доближиш до вечниот живот, т.е. Оној Кој кажа: Јас сум Воскресението и Животот, кој верува во Мене, и да умре ќе живее.

Сакај го Христос, Кој се роди и никогаш нема да умреш. Сакај Го Оној, Кој е  љубов и знај дека љубовта никогаш не умира – доволно е секогаш да си со Него!
Извор: dveri.bg
Превод: Наташа Наумоска

 

Преземено од. http://bigorski.org.mk/slova/pouchni/pesnata-na-angelite/



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная