На духовденската задушница си спомнуваме за сите побожни православни христијани кои се упокоиле во Господа, и си припомнуваме за страшниот Ден на судот. Нека Христос, нашиот Бог, биде милостив кон нив, и кон нас.
На Литургијата во саботата пред Педесетница (Духовден) се читаат две апостолски (Дела 28,1-31 и 1Сол. 4,13-17) и две евангелски четива (Јн 21,14-25 и Јн 5,24-30). Читањето на книгата Дела апостолски и Јовановото Евангелие, кое започна на Пасха (Велигден), завршува на овој ден. Но, книгата Дела апостолски не завршува, како што мислиме, со смртта на апостолите Петар и Павле, туку останува отворена.
Во едно писание на о. Јустин Келијски, со наслов „Со сите светии“, преподобниот вели дека житијата на светителите не се ништо друго, туку „продолжение на Делата на светите апостоли“. Како што во Делата апостолски се опишани делата Христови кои апостолите ги извршише преку Христа, Кој пребивал во нив и делувал преку нив, исто така и светителите го сведочат истото Евангелие, го живеат истиот живот, ја пројавуваат истата праведност, љубов и сила одозгора. Подготвувајќи се за Неделата на сите светии (неделата после Духовден), Црквата нè потсетува дека секој од нас е повикан да живее свето.
Во оваа, седма сабота од Пасха, предвидено е да се чита и „Беседата за трпеливост и благодарност“ на св. Јован Златоуст. Истата беседа треба да се чита и на погребите на секој православен христијанин.
според материјали од Православната црква во Америка
Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/znacheneto-na-duhovdenskata-zadushnitsa/ .