Христе, Спасителу мој, постанав налик на човекот кој паднал помеѓу разбојници, кој беше ранет и лежеше полумртов, зашто поради моите гревови, раните ми се уште потешки од неговите.
Ограбен, тој викаше плачејќи: »Спасителу, тешко сум ранет, не оставај ме на разбојниците.« Така и јас Тебе Ти се молам, милостив Господи, спаси ме.
Умот мој е бичуван од злобните разбојници и лоши помисли со камшикот на гревовите. Исцели ме, Христе Спасителе мој и спаси ме, зашто си богат во милоста Своја.
Утрена, четврта недела од постот
Поуки на светите отци: Но да бидеме храбри, сите ние, страсни и немоќни, и со непоколеблива вера како со десница да се принесеме на Христа и да ја признаеме немоќта и слабоста на својата душа. Он неизоставно ќе ни помогне и повеќе отколку што заслужуваме, само ако непрестајно се држиме со длабоко смиреномудрие.
Свети Јован Лествичник
Молитва:
Господи, со срце и со ум Ти воскликнуваме: помогни ни, гледајќи ја минливоста и тленоста на овој свет, да не заборавиме дека Си секогаш со нас. Дај ни сила да ги издржиме промените кои се случуваат во светот и спаси и помилуј ги луѓето Твои и сиот Твој свет. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 14, 24-31
Битие 8, 21-22; 9, 1-7
Соломонови Изреки 11, 29-31; 12, 1-6
Созерцание: Плодот на праведникот е дрво на животот, а безбожниците предвреме ќе бидат земени. Ако на праведникот му се плаќа на земјата, дотолку повеќе на нечестивиот и на грешникот.
Соломонови Изреки 11, 30-31
Подготви: А. Л.
Посети:{moshits}