Почитувани,
Ни претставува чест и задоволство да ве информираме дека на 15.08.2011 година, понеделник, ќе започне традиционалната 23 меѓународна ликовна колонија Галичник, која ќе се одржи во прекрасниот Галичник.
На колонијата ќе земат учество 8 уметници и тоа: Зорица Чолиќ од Србија, Леа Петроу – Грција, Коли Верчани од Албанија, Павлина Чакарова – Бугарија, Сузана Ардо – Велика Британија, Јетон Муја од Косово и Марија Ветероска и Роберт Јанкулоски од Македонија.
Колонијата продолжува со своите зацртани прерогативи, а тоа се квалитет во изборот на уметниците и уникатност во поглед на идејната структурираност, па оттука веќе трета година колонијата се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа уметностите, па генерално поканетите уметници се занимаваат со уметничка фотографија, видео, инсталација, дигитална графика и слично. Поканетите автори се млади уметници, но автори чија кариера е во сигурен успон следејќи по бројот и имињата на изложбите на кои зеле учество индивидуално или како селектирани претставници на своите земји на групни меѓународни претставувања. Овој избор на дигиталната медиумска стратиграфија, а секако и секогаш примарниот аспект на внимателен избор на афирмирани уметници, ја чини оваа колонија единствена во Македонија.
Колонијата ќе трае до 22 август, а покрај престојот и работата во ова прекрасно и живописно место кое со својата богата историја, традиција и природна убавина секако ќе изврши некакво влијание врз оформените уметници, авторите ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, да го видат манастирот Св. Јован Бигорски, а секако и ќе се организира еднодневна посета на нашиот бисер градот Охрид, со едни од најубавите манастири и цркви на Балканот и пошироко.
Со Почит,
Ана Франговска Стојановска,
Уметнички раководител
на колонијата