Одговара: Презвитер Ивица Тодоров
ПРАШАЊЕ: Раното утро пред зори на Велики Четврток со радост секоја година го очекувам, и за мене секојпат тоа е најубавиот момент кога се вапцуваат црвените јајца,а она првото јајце кое треба да стои до наредната година ми дарува огромна топлина во мето срце.Но моето срце од пред некој ден се исполни со секирација.Никогаш до сега не ми се случило да тоа првото јајце кое го чувам како сопствените очи,пред некој ден,од ништо просто експлодира и се распрсна на многу парчиња.Што е значењето доколку таквото јајце самото се распрсне?Ве молам кажете ми дали има место за секирација? Верувам во Господ со сето свое срце,и верувам дека тој со тоа ми праќа некој абер, но јас не знам како да го протолкувам. Ви благодарам.
ОДГОВОР: Праксата да се бојадисуваат црвени јајца пред најголемиот христијански празник - Воскресение Христово (Пасха, Велигден) свои корени има во црковната древност. Овој обичај е плод на тогашните христијани радоста на воскресението Христово преку конкретен симбол да може да ја споделат и внатре во црковната заедница, но и со оние надвор од Црквата, кои се уште не биле евангелизирани и крстени. Особено овие, вторите, биле пожелувана целна група, затоа што преку црвеното јајце христијаните можеле да им засведочат на тогашните пагани (незнабожци) за Христовата искупителна жртва за целото човештво и за Неговото воскресение од мртвите, односно, за победата на животот над смртта. Затоа и била избрана црвената боја за бојадисување на јајцата. Истата ја симболизира крвта Христова која на крстот се изли за нас и за нашето искупување пред Небесниот Отец и за наше ослободување од сатанските мрежи на ропството (злото - гревот - духовната и телесната смрт). Формата на јајцето го симболизира нашиот свет (планетата земја) и целото човештво кое преку Христовата крв (искупителна жртва) повторно ја доби можноста да учествува во постоењето во Царството Божјо преку остварување на спасението во Црквата. Моментот кога се крши јајцето, пропратен со најрадосниот поздрав "ХРИСТОС ВОСКРЕСНА - НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА", го симболизира Христовото воскресение, односно, уништувањето на смртта и дарувањето на можноста сите кои се во Христа во последниот ден (денот на второто Христово доаѓање) да воскреснат (да го примат своето тело ослободено од последиците на злото и смртта).
Според горенаведеното, црвеното јајце е само еден благочестив древен христијански обичај и симбол и ништо повеќе од тоа. Функцијата на овој обичај е пред се мисионерска, односно, истиот е можност за сведочење на сето она што нашиот Спасител го направи и прави за Црквата и за целото човештво. Затоа, треба да внимаваме овој симбол да не го мистифицираме и да го ставаме во разни суеверни контексти. Првото бојадисано јајце на велики четврток, неговото чување и доживување од некои како чувар на домот и разни други нешта немаат никаква врска со Црквата и нејзината вистина, па затоа, како христијани не треба да си создаваме лични толкувања туку треба преку здравиот спасоносен духовен живот во Црквата да ја живееме вистината Христова и да се ослободуваме од сите нешта (особено од суеверието) кои ни создаваат проблеми во процесот на нашиот духовен раст.