На 24 јуни, во Кинотеката на Македонија, со почеток во 11 часот ќе биде промовирана четвртата книга на режисерот Горан Тренчовски, насловена како Парс про тото. Книгата ќе ја претстават филмскиот критичар Илинденка Петрушева, проф. д-р Сашко Насев и д-р Васе Манчев. Во книгата Парс про тото се содржани повеќе есеи и огледи за седмата уметност, како и една студија за краткиот игран и документарен филм. Во рецензијата на крајот од книгата, академик Митко Маџунков пишува за Тренчовски како за "интелигентен автор кој во своите книги ја преиспитува сопствената пракса", кажувајќи дека тие се "налик на неговата блескава театарска сцена, натопена со атмосфера, и на неговите кратки филмови за долго паметење". Книгата е во издание на Улис.