ГОЛЕМ ХУМАНИТАРЕН КОНЦЕРТ
Под мото "БИДИ ЧОВЕК, ПОМОГНИ!"
Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, на вчерашната прес-конференција најави дека спроти ТЦ "Бисер" од 20 до 23 часот под мотото БИДИ ЧОВЕК, ПОМОГНИ!" Општина Аеродром организира голем хуманитарен концерт за помош на лицата со хендикеп и со интелектуална попреченост. На прес-конференција присуствуваа и претставниците на двете невладини организации, "Полио плус" и "Порака", Елена Кочоска и Виктор Боризовски, за чии штитеници ќе бидат наменети средствата, а претставници на триесетината естрадни ѕвезди кои ќе учествуваат на концертот беа Ребека и Зоран Џорлев.
- Ги повикуваме сите граѓани да земат учество во оваа хуманитарна акција за да им помогнеме на овие граѓани барем малку да им ги подобриме условите за живеење во Општина Аеродром и воопшто во градот Скопје, рече Коневски.
Представниците од двете невладини организации изразија благодарност за нивното вклучување во проектот изразувајќи надеж дека манифестацијата ќе помогне во подигање на јавната свест за постоењето на оваа категорија граѓани. За време на концертот со едно јавување граѓаните ќе можат да донираат по 100 денари на телефонските броеви 075/ 143 401 на мобилниот оператор ОНЕ, 070/ 143 401 на Т-Мобиле и на бројот 077/ 143 110 на мобилниот оператор ВИП. Лицата кои сакаат да донираат повеќе средства, тоа можат да го направат на жиро-сметката на НВО Полио плус" во Статер банка - Скопје 510 - 000 - 1400 140 80, како и на на жиро-сметката на НВО Порака" во Комерцијална банка 300 000 000 225 367.
Исто така, граѓаните ќе имаат можност и директно да разговараат по телефон со популарните пејачи, кои ќе настапат на концертот: Дани, Марко Слаткаристика, Јован Јованов, Елвир Мекиќ, Ѓоко Танески, Зоран Џорлев, Ребека, Александар Митевски, Александар Белов, Бојана, Мартина, Ристо Самарџиев, Сања Лефкова, Тони Зен, Ламбе Алабаковски, Маја Панчева, Маја Вукичевиќ, Јане Дунимагловски, Благоја Грујовски, Татјана и Новица Лазаровски, Зуица Лазова, Гоце Арнаудов, Благица Павлова и многу други. За време на хуманиот настан се очекува присуство на голем број лица од јавниот живот - актери, спортисти, бизнисмени, амбасадори, министри, градоначалници и други политичари и соработници на општината. Инаку, сличен хуманитарен концерт Општина Аеродром одржа минатата година во септември, кој поради успешниот епилог е одлучено да стане традиционален.
(А.И.)- Вечер