Истанбул, 18 октомври 2009 g. (МИА) – Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов денеска во Истанбул ќе се сретне со поглаварот на Цариградската патријаршија, Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Со средбата Иванов ја завршува тридневната официјална посета на Републка Турција, во чии рамки се сртена со турскиот претседател Абдула Ѓул, премиерот Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Парламентот во Анкара, Мехмед Али Шаин.
Шефот на македонската држава синоќа во Истанбул се сретна со претставници на македонските иселенички организации во Турција.
Иванов ја искористи средбата за да ги повика овие успешни бизнисмени, етаблирани граѓани на Република Турција да придонесат во економскиот развој на Македонија, преку пренасочување на нивните економски активности во нашата земја.
- Македонија дала големи луѓе на Турција, не само преку Мустафа Кемал. Тука има голем број лекари, професори, бизнимесни, кои придонеле за развојот на Турција. Ви посакувам да бидете успешни во животот, зошто преку вашиот успех ќе се знае и за Македонија. Секој успех на било кој по потекло од Македнија е успех и за Македнија. Значи, тоа е наша инвестиција во Турција, која ни се враќа преку инвестиции во Република Македонија, порача Иванов.
Состанокот организиран од Заедницата на иселеници „Румелија“, е во согласност со заложбите на двете држави за негување на меѓусебните културни врски и традиции. Во Турција се активни повеќе од 30 друштва и здруженија на граѓани по потекло од Македонија и Балканот, кои најчесто се групирани по територијална основа, односно зависно од местото на потеклото.
Претседателот Ѓорге Иванов попладне од Истанбул заминува во работна посета на Израел, каде што ќе има средби со претседателот на еврејската држава Шимон Перес и со премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Иванов во Израел ќе учествува на Меѓународната конференцијата „Facing tomorow 2009“, а ќе се сретне и со Евреи по потекло од Република Македонија. аб/са/9:01