НА ОН-ЛАЈН НАТПРЕВАРОТ
Иванов ги посети најдобрите математичари
Претседателот Ѓорге Иванов во Народната канцеларија во Скопје вчера ги посети учениците кои учествуваат на 48-часовен меѓународен онлајн-натпревар по математика. Засега Македонија, во категоријата деца од девет до 13 години, го држи третото место, а за возраст од 14 до 18 години е на седмо место. Конечниот пласман ќе биде познат денеска во 11 часот кога ќе заврши натпреварот.
Организатор во Македонија е скопската приватна гимназија Алгоритам" и учествуваат најдобрите математичари од основните и средните училишта. Тие, на Светскиот ден на математиката, се во трка со свои врсници од цел свет за што пократко време да решат што повеќе задачи и математички проблеми. Најдобрите што ја претставуваат Македонија се избрани од околу 2.000 на државниот натпревар што го организираше Алгоритам", под покровителство на претседателот Иванов.
- Во целата држава овој месец се случуваше револуција во решавање задачи. Во Македонија беа решени 9 милиони задачи, се натпреваруваа деца од целата држава. Во моментов сме трети во светот, а од Европа пред нас е само Турција. Ако некоја земја не турне, повторно ќе бидеме меѓу првите десет во светот, изјави директорката на Алгоритам" Марина Божинова.Таа соопшти дека неколку ученици веќе освоиле златни медали зашто се високопласирани во поединечна конкуренција (топ 100) и признанијата ќе им бидат пратени по пошта.
Седмоодделенецот Ѓорѓи Пенков од ОУ Гоце Делчев" од Неготино е на 70 место во светот и второ во Македонија.
- Се трудев многу да го постигнам ова место. Во една минута засега можам во делење да решам 92 задачи. Тоа не е малку зашто треба и брзо кликање, рече Пенков.