Плакат - Книжевен портрет со Ефтим Клетников
Клетников (роден во с. Негрево, 1946 год.) е едно од најзначајните поетски имиња во својата генерација. Во 1969-та година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал студиски престој во Париз (1979/80) како стипендист на француската влада. За своето творештво кое вбројува над 20 стихозбирки, Клетников е лауреат на бројни значајни домашни и меѓународни награди, меѓу кои и наградата на Президиумот на Меѓународната академија ЗАУМ во Русија и наградата „Леополд Седар Сенгор“ од Европската академија за поезија, литература и уметност со седиште во Париз. Член е на македонскиот ПЕН центар, каде ја извршувал и функцијата секретар. Работел како новинар и книжевен уредник, а бил и директор на фестивалот Струшки вечери на поезијата.
Поетски збирки: Модер вир, Зраци и самраци, Окото на Темниот, Песни за Огнен, Икра и крило, Гласови, Триок, Магновенија, Маж и жена со лице спроти ѕвездите, Прасјај, Троја и други.
Поезија за деца: Кула со златно ѕвоно, Златна рипка, Море во сонот, 88 песни за месечината, Сончеви песни.
Есеи и критика: Орион, Јатка, Во потрага по целината.
Има подготвено неколку антологии на македонската поезија.
Препејува од руски, француски, словенечки, српски, хрватски, словачки јазик.
Неговата поезија е застапена во голем број антологии и преведена е на неколку јазици.
На книжевниот портрет во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија со свое излагање за книжевните достигнувања на Клетников ќе се обратат директорот на библиотеката, македонскиот писател Стефан Марковски и младиот македонист Пепи Стамков.
Модератор на настанот е Емилија Старделова, а во рамки на истиот ќе има настап и пејачката Теодора Гошева – Теда.
Стихови од Клетников ќе интерпретира Петар Јанчев.