Промоција на „Метрички карван: Гевгелија - Струга“
Во организација на библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија на 08. декември (сабота) во 20:00 часот во Народниот театар во Гевгелија ќе биде промовирана петтата по ред збирка од циклусот „Метрички карван“.
Збирката вклучува вкупно 24 поетски имиња, дванаесет од градот-домаќин и дванаесет од Струга.
Од гевгелиска страна станува збор за поетите: Љубомир Груевски, Васил Тоциновски, Катерина Гогова, Лилјана Пецова - Илиеска, Јосип Коцев, Томе Таушанов, Моника Ризова, Петар Јанчев, Олгица Ќурчиева, Жаклина Атанасова, Стефчо Стефанов и Стефан Марковски, додека од струшко-вевчанска - Бистра Кумбароска, Весна Крстиновска-Велоска, Витомир Долински, Давче Насевски, Мерсиха Исмајлоска, Миладин Угреновиќ, Дарко Лешоски, Ѓорѓи Крстески, Милутин Бебекоски, Мишо Китаноски, Петко Шипинкаровски и Разме Кумбароски.
Претставувачкиот текст од збирката почнува со воведните зборови:
Годинешното издание на „Метрички карван“ го обзнануваат по 12 лирски гласови од долините на Црн Дрим влиен во Охридското езеро и Вардар - гласовите на Енхалон споменат од Полибиј, точка на Виа Игнација, престолнина на поезијата, соочени со гласовите на вардарска, древна Гортинија одекната во писанијата на Тукидид, европска порта на Македонија.
Уредник и промотор на „Метрички карван: Гевгелија - Струга“ во издание на библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија се книжевниците Стефан Марковски и Александар Прокопиев.
Рецензентот Славчо Ковилоски во својот осврт, меѓу другото констатира:
„...тргнувајќи од чувствата, поезијата распослана на страниците на Метрички карван: Гевгелија-Струга го обработува сакралното, но, напоена и од нови извори преминува и во секојдневното. На тој начин, во неколку наврати, особено кај припадниците на помладата генерација, можеме да го забележиме оттргнувањето од лиризмот и препуштањето на уличниот говор, исполнет со жаргон. Сево ова оди во прилог на ставот на полскиот автор Бруно Шулц, кој смета дека првобитното слово тежнее да се ослободи од воспоставената практика и спонтано се стреми кон давање нова смисла на зборовите, на исказот, односно „импулсивна регенерација на првобитните митови“.
Настанот ќе биде збогатен со музички настап на Пенче Кралев џез трио, а модератор на промоцијата ќе биде Магдалена Стојмановиќ.