Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски - Антево перо“ востановена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски, ги брои последните денови од распишувањето на отворениот конкурс за необјавена поетска книга за автори кои творат на македонски јазик, а последниот датум за испраќање на авторските дела е 31 август 2018 година. Самата манифестација има планирано издавање и промоција на победничкиот наслов со неколку редовни читања во спомен собата на Анте Поповски во Општина Ѓорче Петров и во родното место на авторот, Лазарополе, кои треба да се реализираат кон крајот на месец септември.
Повеќе информации за тоа кои се предиспозициите и условите за учество на конкурсот може да најдете на facebook страницата „Антево перо“, а стигнатите авторски дела ќе бидат разгледувани од петчлена Комисија, во состав: Венко Андоновски (професор и писател), Кристина Николовска (професор и писател), Митко Гогов (писател), д-р Атина Цветаноска, (книжевен истражувач) и Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски).
Манифестацијата е поддржана со програмата за 2018 година на Министерството за култура на Република Македонија.