Дебитантската стихозбирка „Еленот слуша виножито” од младата поетеса Магдалена Чапаровска во издание на Издавачкиот центар „Три“ ќе ја доживее својата промоција на 15 Ноември во Менада, во 20:00 часот.
Промотор на збирката ќе биде писателот и поет Стефан Марковски.
Рецензентката Виолета Танчева-Златева за оваа прва поетска пројава на Чапаровска потенцира: „Иако се работи за поезија која е инспирирана од актуелни, современи проблеми (ангажирана поезија), сепак песните во оваа книга се издигнуваат на повисоко естетско ниво благодарение на длабоката семантика и умножените значења. Темите иако пост модерни, несомнено се и безвременски. Стилот на Чапаровска го обединува јасното и прецизното излагање на идеи со богатството и експресивноста на јазикот. Нејзиниот поетски дискурс е токму она што струи меѓу двете контрадикции. [...] Тоа се стихови на млада личност која негува голема страст кон животот, има длабока смисла за детали, поседува префинета интуитивност и сензуалност, а сепак во позадина прозвучуваат со тон на длабока меланхолија, а наместа и иронија. Ваквиот противречен спој е доловен преку изборот на мотиви кои се секојдневни, но се третираат како трансцендентални. Поетесата избира да не ги разрешува парадоксите. Таа ја крева завесата и ни прикажува сценографија, но не нѐ турка внатре во неа. Останува на читателот да го преземе финалниот чекор и затоа секоја следна песна во оваа збирка остава, па дури и поттикнува желба за следната. Невозможно е да се остане непроменет по читањето на “Еленот слуша виножито”- Виолета Танчева-Златева
Стиховите ќе ги чита младата актерка Владанка Димковска.
Магдалена Чапаровска (1983) е родена во Скопје.
Дипломира и магистрира Општа психологија и советување во Солун.
Пишува од рана возраст, проза и поезија.
Учествува на повеќе литературни конкурси и фестивали. Во 2016 во соработка со уметницата Ивана Пирковска во КИЦ го изведуваат експерименталниот истражувачки мултимедијален проект Циклус(и) (+) (-).