Ве известуваме дека Националната галерија на Македонија оваа година е дел од европската манифестација „Европска ноќ на музеите 2017“ која ќе се одржи на 20 мај 2017 година. Оваа манифестација се одржува во сите музеи во Франција и во сите европски музеи кои сакаат да партиципираат, а влезот на „Европска ноќ на музеите 2017“ е бесплатен за сите посетители.
Оваа манифестација е поддржана од Министерството за култура и комуникации на Република Франција, Советот на Европа, ИКОМ, УНЕСКО, а е поддржана и од асоцијацијата Музеите во Франција, Федерацијата „Пријатели на музеите“, TV5MONDE, Radio France и други.
Националната галерија на Македонија во рамките на европската манифестација „Европска ноќ на музеите 2017“ ќе се претстави со изложбата „ИВАН МЕШТРОВИЌ, графики од Колекцијата на НГМ“, која ќе биде претставена во објектот Чифте амам од 18 – 31 мај 2017 година.
Изложбата ќе и понуди на македонската публика ретка можност да проследи оригинални литографии (21) од светскиот скулптор Иван Мештровиќ (1883 – 1962), овојпат претставен како цртач и графичар. Делата се составен дел од мапата литографии од 1923 и се сопственост на Националната галаерија на Македонија (од т.н. екс-југословенска збирка). Мапата ќе биде проследена и со презентација на 2 скулптури од уметникот, исто така сопственост на Националната галерија.
Изложбата има за цел да го претстави пред македонската публика цртачкото и графичкото мајсторство на скулпторот Иван Мештровиќ. Тоа е единствена прилика македонската јавност да ги види овие дела кои што за прв пат се изложуваат, а се дел од т.н. екс-југословенска збирка на некогашната Уметничка галерија „Скопје“, систематски собирана во втората половина на четириесеттите години на минатиот век. Ценејќи го реномето на Мештровиќ како светски признат уметник, сметаме дека изложбата ќе предизвика несекојдневен интерес.