Националната галерија на Македонија за 2017 година ќе понуди мошне квалитетна Програма од областа на визуелните уметности, поточно ликовната дејност, издавачката дејност, истражувачки и едукативни проекти, меѓународната билатерална и мултилатерална соработка. Сигурни сме дека оваа Програма ќе ги исполни очекувањата на љубителите на уметноста и целокупната публика, различните таргетни групи, посетители, ќе даде исклучителен придонес во образовниот процес со што ќе се потврди улогата и значението на нашата институција.
Меѓу позначајните проекти најнапред да ги најавиме ретроспективните изложби на македонските автори, доајенот на македонската модерна уметност Никола Мартиноски, потоа Борко Лазески, Петар Мазев и македонската авторка која долг низ години живее и твори во Париз, Франција - Евгенија Демниевска.
Од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, годинава ќе бидат реализирани три проекти: самостојна изложба на Љубомир Ивановиќ-Љуба, Иван Мештровиќ: Литографии и тематската изложба „Урбаниот предел како тематски предизвик (урбан предел-слика-документ)“, дела од повеќе автори во сопственост на Националната галерија на Македонија.
Значајни индивидуални и групни претставувања како: „Теорија: постконцептуални цртежи, 2015/2016“- самостојна изложба на Зоран Попоски, „Фотографијата во Македонија до Првата светска војна“, истражување и изложба - Душан Мандиќ (претставник на групата IRWIN) „Die Welt ist Schon“, изложба на Јасмина Цибиќ - една од позначајните словенечки уметници со европско реноме, претставник на Словенија на Венецијанското биенале 2013 година во соработка со Музејот на современа уметност од Загреб, потоа изложба на Дритон Селмани во соработка со Националната галерија на Косово, самостојна изложба на академскиот сликар Бурхан Ахмети, самостојна изложба на Бен Камили, Берлин – Германија, графики на Евгениј Пантев, изложба на Мухамедали Алили, Џезаир Реџепи, Нина Бале, Шќипе Мехмети, Хељидон Ѓерг, фотографии на Богдановска/Велиу и други проекти.
Во текот на 2017 година ќе се превземат подготвителни истражувачки проекти: подготовки за ретроспективни изложби на Танас Луловски, Драган Поповски - Дада и Костадин Танчев – Динка. Kако еден од најзначајните настани кои ги отпочнуваме годинава, а ќе се реализира догодина во рамките на одбележување на јубилејот-70 години Национална галерија на Македонија е изложба на светски познатиот Анри Сала. Анри Сала е еден од најголемите уметници на денешницата, уметник со албанско потекло, стекнува образование, твори и живее во Франција. Реализирал многубројни изложби насекаде низ светот, негови дела се наоѓаат во колекции на најзначајни светски музеи и галерии, особено во приватни колекции на софистицирани колекционери на уметност. Ја претставуваше Франција, како национален претставник, на 56-то Венециско Биенале во 2013 година. Неговите дела, видеа, се поезија, зрачат со својата едноставност и ефективност, совршено концепциски и изведбено.
Едукативната програма за 2017 година е мошне плодотворна и таа опфаќа, покрај останатите проекти и работилници, и неколку веќе востановени, јубилејни младински изложби како: „Х младински пролетен салон“, Годишна изложба на основни училишта од Скопје која годинава ќе биде во знак на Петар Мазев и многу други.
Покрај подршка на образовниот процес, присатна е општествената одговорност и хуманот аспект кај проектите „Будење“ – работилница со аутистични деца и работилницата со изложба во насока на одбележување на 3-ти декември, ден на лица со посебни потреби.
Националната галерија на Македонија е единствена институција од областа на културата која редовно се вклучува во светските кампањи кои ги анимираат овие категории на лица и подигнување на јавната свест. Едукацијата и работилниците се реализираат подеднакво во сите три објекти во опремени едукативни катчиња.Од меѓународната соработка за 2017 година ја издвојуваме патувачката изложба „Есенција на егзистенција“ која ќе се реализира во Националната галерија во Приштина и изложбата на Теута Хоџа Имери во Македонскиот културен центар во Њујорк, САД.
Посебно место мора да издвоиме за големите инвестициски зафати кои оваа година, благодарение на поддршката на Министерството за култура на Р. Македонија, ќе ги започне и превземе Националната галерија на Македонија како реконструкција на објектот Мала станица, реконструкција на објектот Чифте амам, Конзервација и реставрација на паркот на скулптури – Даут пашин амам, внатрешни техничко - безбедносни зафати и многу слични интервенции кои дополнително ќе го подигнат нивото, безбедноста, квалитетот и задоволството во проектите на Националната галерија на Македонија.
Особено треба да се спомене конзервацијата и реставрацијата на збирките кои се дел од движното културно наследство на Спомен куќата на Лазар Личеноски. Наскоро, детална најава на Годишната програма со утврдена динамика на настаните и активностите на Националната галерија на Македонија.
Со почит, д-р Дита Старова Ќерими
Директор на Националната галерија на Македонија