Мето Ангелов, Мала станица, среда 25 мај, 19:30 ч
ANALOG Versus DIGITAL
Релацијата на современата уметност и консумеризмот
Ана Франговска, куратор
Во време на општествено-политичка криза, доба во која постојано се говори за дневни политики и во кое секој е најумен и секој знае сè, Мето Ангелов решава да ѝ се претстави на македонската јавност, по пауза од подолго време, со проект кој е вдахновен од дигиталниот нематеријален свет и консумеризмот, маркетиншката индустрија и друштвените мрежи како нешта кои единствено денес може да те направат среќен и задоволен, макар и за миг, и дури и вештачки. Ваквиот став на уметникот донекаде е точен, но во друга крајност, пак, мора да се постави прашањето: што е дигиталниот свет и што се друштвените мрежи и маркетингот ако не механизми и политики самоегзистирачки и често диктирани од вистински владејачки тела и позиции на капитал и моќ на глобално ниво? Со оваа констатација може да заклучам дека колку и да сакаме да избегаме од секојдневието, и тоа бегство е одговор и констатација на реалноста во која живееме.
Но, консумеризмот и неговите механизми, како и нематеријалниот дигитален свет, „QR“ кодовите, електронскиот пазар, присуството на пиктографски прикази кои треба да се транскрибираат со користење андроидски апликации се резултат на љубопитниот современ човек кој за да биде во чекор со времето, почнува да губи чувство за реалниот, материјален свет и станува жртва на дигиталниот систем кој функционира како засебен организам. Ние не можеме да избегаме од оваа реалност, ниту пак да негодуваме бидејќи од друга страна, пак, го олеснува животот, но можеме алатките на тој систем, како што чини Ангелов, да ги ставиме во наша корист и со нејзиниот јазик, канони и системи да создадеме уметност која излегува од својот „елитизам“ и материјалност, а станува интерактивен процес, во кој реципиентот е активен содејствувач во процесот на „читање“ на уметничкиот проект.
Матриксот во кој сме ставени при соочување со делото на Мето Ангелов се состои од изложба од материјални носачи: дигитален отпечаток на хартија, со приказ на една и иста стерилна рамка – како рамка за сликичка од албум, во која се испишани реден број и инструкции за читање на делото: код за директно и локација за индиректно читање на делото – место за симнување на апликацијата од Гугл плеј (Google play). Со помош на безжична конекција секој посетител е поканет самоиницијативно да се вклучи во „разгледувањето“ на изложбата. Зад кодовите дигитално се читаат претстави и пиктографски знаци, кои се користат за поедноставна комуникација и разбирање и се усовршуваат во последните педесет години. Тие се глобални знаци-икони (присутни во сите графички интерфејси од современите алатки како компјутер, телевизор, мобилен уред итн.) за масовна употреба, а селекцијата која авторот ја има направено е во контекст на дескрипција или хиперврска или датотека на еден 24 часовен ден на уметникот, еден ден кој би се случил во иднина. Содржината е наративна и забавна, но најкруцијален е процесот на трансфер на идеи и транскрипти.
Суштината на проектот лежи во процесот на колекционирање (во духот на современите консумеристички магнати Панини и други) и во профитабилноста на глобално ниво. Во проектот на Ангелов на исто место се среќаваат лицето и опачината, т.е. нематеријалното и материјалното и тие се спротивставени едни на други. Со активирањето на апликацијата на мобилниот уред и пример од издадената брошура (во форма на албум кој самоиницијативно може да се пополни и да се комплетира, но не мора), корисникот е во состојба и надвор од утврдениот галериски простор да прави прегледување на концептуалниот дискурс.
Со „дигитализацијата“ на уметноста Ангелов го допира аспектот на современата аматеријална уметност која, во денешното консумеристичко опстојување во кое сè има своја комерцијална вредност, ќе нема таква вредност, а ќе биде чист концептуален интерфејс без можност за финансиска полза и ќе го поседува задоволството како доминантно консумирачко чувство.
Национална галерија на Македонија
Ангелов МЕТО: Дипломирал во 2001 и магистрирал во 2004 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирал повеќе самостојни изложби: Скопје 1999, 2002, 2003, 2004, 2007; Прилеп 2004; Охрид 2006; Потенца (Италија) 2007; Неготино 2008; Кавадарци 2011; и учествувал на групни изложби во Македонија и во странство: Франција, Италија, Германија, САД, Србија, Хрватска. Живее и работи во Неготино.
Контакт: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. + 389-(0)78-298-178